За едно од лицата е побаран притвор, а двајца од четворицата уапсени се ослободени
Заврши распитот на четирите лица што вчера вечер беа лишени од слобода во акцијата во с. Крушопек, Општина Сарај. Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донел наредба за спроведување на истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело “неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори”, предвидено и казниво по член 215 од Кривичниот законик, соопшти обвинителството.
Врз основа на прибраните докази и изјавите на лицата кои беа лишени од слобода, надлежниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје вечерва доставил предлог за определување на мерка притвор за сопственикот на фирмата увозник на овошјето, додека за второ осомниченото лице предложил мерки за обезбедување присуство. Останатите две лица се ослободени.
По наредба на јавниот обвинител товарното возило во кое е откриена наркотичната дрога и целата пратка со овошје се запленети и предадени во Агенцијата за одземен имот.
Пакетче скриено меѓу 1 098 пакети банани
Акцијата за заплена на кокаинот, според министерот за внатрешни работи во техничката влада Наќе Чулев, е резултат на меѓународна полициска соработка за прекин на меѓународен канал на шверц со дрога од Колумбија.
На заплената ѝ претходела акција која траела од 17 до 19 февруари во која биле вклучени МВР, Царината и Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Дрогата што вчера е запленета во Крушопек влегла во земјава во 9 часот на граничниот премин „Ќафасан“, во камион кој носел банани. Камионот го возел црногорски државјанин. Акцијата добила завршница кога камионот со пакетите банани пристигнале во магацинот на фирмата „Банекс компани“ ДООЕЛ во Крушопек, која според Чулев била крајниот примател. На самото место полицијата ги затекнала синот на сопственикот на компанијата и работник кој ја растоварал стоката. За кусо време, како што објасни Чулев, се појавил и сопственикот на фирмата увозник С.Е.
Четирите лица кои завршија пред јавен обвинител се сопственикот на фирмата „Банекс“, возачот на камионот, синот на сопственикот и работник во компанијата. За „Банекс“, министерот Чулев вели дека досега во 120 наврати направила увоз на овошје, претежно банани, главно од Колумбија, но и од Еквадор.
„Доколку во текот на истрагата во координација со Обвинителството се утврди дека и други лица и компании биле инволвирани во оваа нелегална активност, ќе бидат преземени соодветни мерки и активности“,
рече Чулев.
Чулев најави и финансиска истрага и на фирми и на физички лица за други кривични дела, како што е перење пари.
Што (не) најде полицијата во Крушопек
Запленетиот килограм кокаин сепак стана многу поголема вест во земјата, затоа што веднаш по акцијата првично се појавија информации дека полицијата открила 1,3 тона дрога. Еуфоријата ја зголемија дел од медиумите, но и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски. Тој на „Фејсбук“ коментираше: „Во три години власт на СДСМ не слушнавме дека е запленет ниту еден килограм кокаин… Денес МВР заплени 1,3 тони… Најголема количина било кога запленета во РМ… Слепи ли биле? Или…?“.
Министерот Наќе Чулев синоќа само ја потврди акцијата, а детали соопшти денеска. На прес-конференцијата кажа дека е запленет еден килограм кокаин, кој бил дел од поголема пратка за нашата земја. Но, не кажа каде е остатокот.
„Не можам да ви кажам за кое количество се работи, целокупното количество било наменето и со крајна дестинација во нашата држава. Во нашата држава е фатен само еден килограм, целокупната друга количина е во друга држава. Не можам да ви кажам ниту за количеството ниту сум спомнал други држави. Со цел заштита на истрагата, во координација сме со ОЈО за гонење организиран криминал за тоа кои податоци во оваа фаза може јавно да ги изнесеме“,
рече Чулев додавајќи дека сите детали за количината, за патот по кој се движела пратката, ќе ги соопшти во следните неколку дена.
Целиот случај веќе добива нови димензии, по вечерашнава дебата во емисијата „Патот кон“ на Алсат ТВ. Претседателот на Комисијата за европски прашања на СДСМ, Бојан Маричиќ, обвини дека ВМРО-ДПМНЕ и Чулев ја довеле во опасност меѓународната акција за трговија со кокаин во која навистина се очекувала заплена на 1,3 тони дрога.
„Во трка по ексклузивни информации и покритие на овие лажни тези на ВМРО-ДПМНЕ, дека нивниот технички министер се бори против криминалот и корупцијата, во трка на поткрепа на таа лажна слика, се растури, односно се доведе во опасност една сериозна акција за борба против дрогата, во меѓународен канал, во акција којашто е работена повеќе од година дена. Значи, почната е во време кога премиерот Спасовски беше министер за внатрешни работи и за едно кило кокаин се доведе во прашање акција којашто навистина требала да биде за 1,3 тони“,
Бојан Маричиќ за нов секретар за меѓународна соработка на владеачката партија.
*поврзана вест Маричиќ: Чулев ја доведе во опасност акцијата која требаше да биде за 1,3 тона кокаин