Новото државно Средно полициско училиште сега го носи името „7 Мај“, според Денот на македонската полиција, а за упис во него ќе можат да конкурираат ученици со завршена втора година средно образование во кое било четиригодишно средно училиште во државата
Конкурсот е отворен од 3 јули и ќе трае 15 дена, до кога заинтересираните треба да ги достават потребните документи со пријавата, која е достапна за преземање во повикот на МВР
Под мотото „Облечи ја униформата со гордост!“, Министерството за внатрешни работи (МВР) на 3 јули објави јавен повик за прием на 200 ученици во новото државно Средно полициско училиште – Полициска академија за учебната 2026/2027 година.

Станува збор за возобновување на средното полициско образование во државата по пауза од 26 години, односно од завршувањето на последната генерација (1996-2000), пред да се укине тогашниот Центар за образование на кадри од областа на безбедноста (ЦОКОБ) „Елисие Поповски-Марко“.
Новото државно Средно полициско училиште сега го носи името „7 Мај“, според Денот на македонската полиција, а за упис во него ќе можат да конкурираат ученици со завршена втора година средно образование во кое било четиригодишно средно училиште во државата.
Учениците што ќе се запишат ќе имаат настава по стручни и општообразовни предмети и ќе престојуваат во ученички дом (интернат) во склоп на Центарот за обука на МВР (Полициска академија) во Идризово, каде што за полицајци се школувани 24 генерации, од 1972 до 2000 година, во некогашното четиригодишно полициско училиште. Во согласност со јавниот повик, кога ќе матурираат, МВР ќе им обезбеди работно место – полицаец.
Кандидатите што ќе сакаат да се запишат во училиштето ќе треба да исполнат одредени услови од конкурсот и да ја поминат селекцијата, која ќе биде во три фази – проверка на моторички способности, писмено тестирање (општообразовен тест) и поединечен разговор (интервју) со кандидатот.
Конкурсот е отворен од 3 јули и ќе трае 15 дена, до кога заинтересираните треба да ги достават потребните документи со пријавата, која е достапна за преземање во повикот на МВР.
На конкурсот има општи услови што треба да ги исполнат кандидатите, односно мора да се државјани на Република Северна Македонија, да немаат навршено 18 години возраст на денот на објавување на јавниот повик, активно да го користат македонскиот јазик и да се здравствено и психофизички способни. Последниот општ услов се потврдува со лекарско уверение издадено од лиценцирана установа.

Во посебните услови, пак, е наведено дека општиот успех во двете завршени години средно образование треба да биде најмалку „добар“ и на ученикот да не му се изрекувани педагошки мерки во училиштето каде што ги завршил прва и втора година средно образование. Во посебните услови се и успешно поминати трите фази од селекцијата.
Пријавата треба да ја поднесе родителот/старателот на кандидатот, заедно со потребните докази за исполнетост на општите услови. Како што е наведено во јавниот повик, пријавите се поднесуваат во Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје (полициските станици Гази Баба, Бит-пазар или Карпош) и во секторите за внатрешни работи во Битола, Велес, Куманово; Тетово, Охрид, Струмица и Штип.
Селекцијата на пријавените кандидати ќе ја прави комисија формирана од министерот за внатрешни работи. Сите три фази од селекцијата ќе се спроведат во Средното полициско училиште – Полициска академија и од секоја фаза кандидатот ќе има освоено бодови.
Врз основа на вкупниот број освоени бодови од поединечните фази на селекција, Комисијата за прием и селекција на ученици ќе направи конечна ранг–листа на примени ученици, која ќе биде објавена на огласната табла на училиштето и на веб-страницата на Министерството за внатрешни работи.
Влатко Митковски, помошник на министерот на Центарот за обука на МВР, за државната новинска агенција МИА вели дека целиот процес на реализација на конкурсот и селекцијата се очекува да заврши околу средината на август. Според него, секторите за внатрешни работи веќе се блокирани од пријави на кандидати.
„Бројот од двесте кандидати ќе се пополни и очекуваме голема конкуренција, а кога има повеќе пријавени кандидати може да се направи и добра селекција. Комисијата е на одобрување кај министерот, ќе има претседател и најмалку четворица членови и нивни заменици од релевантните организациски единици на Министерството. Очекуваме до 15-20 август да заврши сè и потоа учениците ќе имаат мал одмор и време да ги средат административните обврски за отпишување од претходното училиште и запишување во училиштето ‘7 Мај’“,
вели Митковски.

Средното полициско училиште – Полициска академија е формирано со одлука на Владата и врз основа на Законот за средно полициско училиште, кој беше донесен во август минатата година поради недостигот од формализирано средно полициско образование.
