Џозеф Флавил е еден од ретките возрасни лица во западниот свет што ќе учи за пандемијата од втора рака
Деветнаесетгодишниот Џозеф Флавил на 1 март 2020 година бил удрен од автомобил, а како последица на ударот паднал во кома. Сега по 10 месеци се буди во сосема нов свет.
Како што објави Си-ен-ен, во моментот кога тинејџерот од Стафордшир, Англија, паднал во кома во неговата земја биле регистрирани само 23 случаи на ковид-19, а во САД бил регистриран прв смртен случај.
Во тој период сè уште се одржуваа спортски натпревари, а баровите и рестораните беа полни со посетители. На денот на несреќата на Флавил насловните страници на весниците во Англија не беа окупирани со темата за ковид-19 и ширењето на болеста, туку се пишуваше дека премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон и неговата свршеница очекуваат дете.
Неколку недели подоцна светот застана, а Флавил тие глобални промени ги помина во бессознание, дури и неговото прележување на ковид-19 го помина додека бил во кома.
Сега, тој поччнува да се буди од коматозната состојба по 10 месеци во свет што тешко ќе му го објаснат и неговите родители.
„Кога ќе излезе од ова, животот нема да биде таков каков што го знае. Мислам дека ќе биде во шок“,
вели неговата тетка Кејт Јарбо за Си-ен-ен.
Три недели по несреќата на Флавил, Велика Британија се затвори целосно и влезе во карантин, во тој период само неговата мајка Шерон имала дозвола да го посетува во болница и тоа според строги протоколи облечена во заштитна опрема од глава до пети и со држење на растојание од два метри. Но, таа сега сè уште чека да се обезбедат услови за да може да го допре својот син, кој во моментов сè уште е на болничка нега.
Флавил, сè уште не е во можност да зборува, но со помош на медицинските негуватели му се овозможува преку Зум да се гледа со остатокот од семејството.
„Тој почнува сега да реагира и да ги движи екстремитетите. Дури почнува да се смее на шеги“,
додава неговата тетка Јарбо.
Флавил се заразил со ковид-19 додека бил во кома, што го спречило да прими вакцина, но наскоро тој ќе има право да се вакцинира.
Неговото семејство е загрижено и за тоа како да разговара со него за вестите во изминатите 10 месеци, откако тој ќе биде целосно во можност да ги разбере.
Флавил ќе биде еден од ретките возрасни лица во западниот свет што ќе учи за пандемијата од втора рака.