По објавувањето на сторијата на ИРЛ за лекувањето на пациенти со хемофилтрација, од ОЈО беше одлучено по допрен глас доктор Жан Митрев да биде повикан на распит, се вели во информацијата
Д-р Жан Митрев е повикан на распит во Обвинителството во врска со случајот за лекување пациенти со ковид-19 за кој објави ИРЛ, потврдиле од ОЈО за порталот Плусинфо.
„По објавувањето на сторијата на ИРЛ за лекувањето на пациенти со хемофилтрација, од ОЈО беше одлучено по допрен глас доктор Жан Митрев да биде повикан на распит“,
се вели во информацијата што ја објави Плусинфо.
Д-р Митрев бил уредно поканет да дојде во Обвинителство и да даде изјава во врска со овој случај, на која тој уредно одговорил и пристигнал во просториите, а според информациите на порталот, информативниот разговор со д-р Митрев е сѐ уште во тек, а го води обвинителот Гаврил Бубевски.
Кога ИРЛ во јули годинава го објави документарецот под наслов „Нечиста крв“, за скапото лекување од ковид-19 во клиниката „Жан Митрев“ кое било непријавена клиничка студија, од ОЈО за „360 степени“ изјавија дека веќе оформиле предмет.
„Веднаш по објавата на наведената документарна емисија, Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет врз основа на инструментот на допрен глас, предвиден во Законот за кривична постапка. Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител кој ќе преземе дејствија за проверка на наводите од кои произлегуваат индиции за кривични дела против здравјето на луѓето“,
одговорија тогаш од јавното обвинителство.
По сторијата на ИРЛ, Владата го задолжи Здравство вo рок од два дена да достави информација за случајот.
„Поради големиот број реакции во јавноста, Министерството за здравство е задолжено да подготви и во рок од два дена до Владата да достави информација во врска со овој случај“,
соопштија од владината прес-служба по владината седница.
Истражувањето на новинарите од Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) покажува дека приватната болница која прими најмногу пациенти за време на ковид-19 пандемијата и во која лекувањето чинеше десетици илјади евра, го применувала методот хемофилтрација (филтрирање на крвта) кој, практичн, бил клиничка студија. Наспроти домашното законодавство, клиничките студии не биле пријавени и одобрени од МАЛМЕД.
Во научните трудови објавени врз основа на клиничките студии во „Жан Митрев“ пишува и дека значителен дел од пациентите добиле интрахоспитални инфекции за време на лекувањето. Тоа го тврдат и дел од роднините на починати пациенти во болницата. Според Центарот за јавно здравје – Скопје, клиниката „Жан Митрев“ ниту еднаш не пријавила појава на интрахоспитални инфекции, иако по закон треба да го извести овој државен орган.