„Никој не е и не треба да биде над законот. Во таа смисла, секогаш кога има сериозни наводи за незаконитости, тие треба да бидат истражени. Ако има доволно докази, треба да завршат со обвинение. Но, ако ме прашувате дали ова го менува мојот став кон институцијата СЈО, мојот одговор е – не, не се менува.“

Ова е пораката што холандскиот амбасадор во заминување ја прати до јавноста. Ваутер Пломп, кој во изминатите 4 години се ангажираше за Специјалното јавно обвинителство да стане независна институција за гонење на организираниот криминал и корупција, за 3 дена ја напушта земјата во ситуација кога СЈО е пред сериозен тест – да го потврди својот кредибилитет наспроти случајот „Катица Јанева“.
„Конкретно, во однос на СЈО, јасно ќе кажам дека не станува збор за личности, туку за институции. Но, најмногу станува збор за резултати и институциите треба да покажат резултати. Ако ме прашате за институцијата, важно е случаите кои СЈО ги истражуваше да продолжат и идното СЈО, без оглед на тоа како ќе се вика, да има доволна независност и средства за да продолжи со работата“,
вели Пломп во интервјуто за „360 Степени“.

„Повикот за предвремени избори е многу несериозен“
Она што сега и треба на С. Македонија, според холандскиот амбасадор, е продолжување на работата во делот на реформите, во спроведувањето на владеењето на правото. За него, предвремени избори не се опција.
„Реформите треба да продолжат, земјата треба да се фокусира на тоа да покаже резултати и постигнувања во владеењето на правото и борбата против корупцијата. И ако мене ме прашате, она што последно и треба на земјава, тоа се предвремени избори. Повикот за предвремени избори ми изгледа како многу неодговорна работа“,
вели Пломп.