Предлог-законот предвидува новата Фондација да биде целосно изземена од Законот за јавни набавки и му дава огромни дискрециски овластувања на градоначалникот, што отвора огромен простор за корупција
Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата апелира до Собранието веднаш да го прекине донесувањето по скратена постапка на Предлог-законот за проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028 година“. Според предлогот поднесен од група пратеници, се предвидува Градот Скопје да основа посебна Фондација која при своите набавки нема да биде обврзана да го применува Законот за јавни набавки.

Оттаму предупредуваат дека Фондацијата ќе се финансира од државниот буџет и од фондови на Европската Унија, поради што таа по сите основи мора да има статус на договорен орган, а иако како што велат, го препознаваат огромното културно значење на проектот, тие децидно посочуваат дека големиот обем на јавни средства бара повисоко, а не пониско ниво на транспарентност и отчетност.
„Значењето и обемот на проектот, како и значителните јавни средства што ќе бидат употребени за неговото спроведување, бараат повисоко, а не пониско ниво на транспарентност, отчетност и заштита од корупција.Оттука, загрижува што во Предлог- Законот не се предвидуваат само тесни исклучоци за уникатни авторски или уметнички услуги, туку целосно се исклучува општиот систем на јавни набавки, вклучително и за стандардни стоки, услуги, опрема, инфраструктурни и градежни работи за кои постои ефективна пазарна конкуренција“,
велат оттаму.
Според нив, изземањето на еден ваков субјект преку посебен закон создава опасен преседан кој во иднина може да се злоупотреби за секој проект прогласен за приоритетен, а како дополнителен проблем е неограничената моќ на градоначалникот кој добива широка дискреција директно да ги именува и разрешува членовите на Управниот и Надзорниот одбор, како и директорот, без предвидени минимални стандарди за нивната стручност. Ситуацијата се влошува со отсуството на независна контрола, бидејќи истата структура ќе го усвојува планот за набавки, ќе одлучува за тендерите и самата ќе решава по приговорите.
„Истовремено, Одборот на Фондацијата го усвојува планот за набавки, ги формира комисиите, одлучува за определени набавки и одлучува по приговорите на учесниците во постапките. Со тоа се концентрираат нормативните, управувачките и контролните овластувања во рамките на истата структура, без независна жалбена заштита и без гаранциите што ги обезбедува Законот за јавните набавки. Објавувањето на договорите и последователната ревизија се важни механизми, но не можат да ги заменат јавната конкуренција, однапред утврдените законски постапки и независната правна заштита“,
се вели во реакцијата.
Затоа граѓанските организации бараат од Собранието веднаш да го одбие разгледувањето на овој Предлог-закон и инсистираат предлагачите да го повлечат предлогот, да го стават на јавна консултација со соодветна проценка на влијанието и да ги отстранат одредбите со кои се заобиколува Законот за јавни набавки.
„Исто така, Платформата ја повикува и Државната комисија за спречување на корупцијата да го разгледа Предлог-Законот од аспект на корупциските ризици и да достави мислење до јавноста и до Собранието“,
заклучуваат од Платформата на граѓански органзиации за борба против корупцијата.
