Платформата „Дома си е дома“ (domasiedoma.gov.mk или pushimenevend.gov.mk) преку која ќе се реализира мерката за ваучери за летување на граѓаните кои имаат под 15.000 денари месечна плата ќе биде оперативна до крајот на неделата, соопшти денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
Преку неа ќе бидат испратени ваучерите до граѓаните, на мејл, заедно со код. На платформата ќе бидат објавени и понудите на сите категоризирани сместувачки капацитети во државата. Ваучерите ќе може да се користат од 15 јули до 15 декември.
Тој ги отфрли шпекулациите дека листите се прават по етничка основа.
„Листата во УЈП се формира според тоа дали граѓанинот апликант ги исполнил потребните услови. Ја добиваме листата не по етничка основа, туку според исполнетите критериуми“,
потенцира Бектеши одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
Според оваа мерка од третиот сет, вработените лица кои од јануари до април имаат вкупно до 60 000 денари нето-приход ќе добијат 3 000 денари на картичка и ваучер за одмор од 6 000 денари.