Европската Комисија не се откажува од започнување преговори со Северна Македонија и останува на ставот дека двете страни треба да изнајдат компромис и дека може да се надминат несогласувањата.
„Ги охрабруваме двете страни да продолжат со напорите за изнаоѓање решение за нивните билатерални проблеми“,
изјави за МИА портпаролката за проширување Ана Писонеро, како реакција по средбата на премиерите на Северна Македонија и Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов во Софија.
На 17 ноември треба да се одржи Советот на министри на ЕУ на кој ќе се разговара за проширувањето и на кој треба да се донесе одлука за усвојување на преговарачката рамка на ЕУ со Северна Македонија, но Бугарија за сега не отстапува и смета дека не може да даде зелено светло додека не се изнајде компромис околу прашањата за јазикот, краткото име и историските теми.
„Продолжуваме да се надеваме дека може да се постигне договор за преговарачката рамка наскоро со цел да се одржи првата меѓувладина конференција што е можно побрзо“,
вели Писонеро за МИА.
Во Европската комисија истакнуваат дека за нив и натаму одговорот е „што е можно побрзо“, но никогаш не лицитирале со датуми.
Само германското претседателство и самиот европски комесар за проширување јавно изјавуваат дека се надеваат на прва меѓувладина до крајот на оваа година, односно во рамките на претседавањето на Германија со ЕУ.
„Ги поздравуваме напорите на германското претседателство за олеснување на разговорите помеѓу Бугарија и Северна Македонија со цел постигнување договор во Советот за преговарачката рамка“,
е официјалниот став на Европската комисија, која и натаму останува во контакт со сите страни за да го помогне процесот.
Се остава на страните да продолжат со контактите и обидите за постигнување компромис, и, иако бугарската страна нема поддршка од другите земји членки за своите ставови, нејзиното право на вето е безусловно, и ниедна земја ниту институција не може да се меша во билатерални прашања, нагласуваат дипломатите во Брисел.
Премиерот Зоран Заев вчера, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека деновиве ќе се засилат разговорите со Бугарија и се надева на решение непосредно пред министерскиот совет на ЕУ во вторник, на 17 ноември.
За тоа, нагласи, има и директна поддршка од германската канцеларка Ангела Меркел.