Деновиве ќе се засилат разговорите со Бугарија и се надеваме на решение непосредно пред министерскиот совет на ЕУ во вторник, на 17 ноември, изјави денеска премиерот Зоран Заев, што е негова прва изјава по враќањето од Софија, каде што вчера, во рамки на лидерскиот Самит за Западен Балкан, имаше средба со бугарскиот колега Бојко Борисов, како и со министри во тамошната влада.
На прашање околу позициите на бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов дека македонската страна до петок треба да се изјасни за барањата што ги презентирала Бугарија, Заев рече дека вистински европски политичари мора да му дадат шанса на процесот и да најдат начин да се согласат. За тоа, нагласи, имаме и директна поддршка од германската канцеларка Ангела Меркел.
За разговорите во Софија рече дека биле во пријателска атмосфера.
„Вчера имавме конструктивни разговори во пријателска атмосфера. Разговаравме како соседи кои имаат намера да ја обезбедат европската иднина на регионот и се надевам така и ќе продолжиме. Искуството од преговорите со Грција ме научи дека на Балканот, кога се работи за вакви прашања, вистинско решение може да постои само ако двете страни од преговорите излезат како победници. Во овој момент сѐ уште не сме стигнале дотаму во разговорите со Бугарија, но пред нас постојат услови за тоа. Тоа значи дека ќе продолжиме да разговараме, но не мислам дека тој процес треба да се случува преку јавни препукувања“,
рече Заев на денешната прес-конференција за презентација на Буџетот за следната година.
Се разбира, нагласи премиерот, ние ќе информираме суштински и навреме за овие важни прашања, но нема да правиме шоу од овој сериозен момент за нашата европска иднина.
„Удирањето во гради е можеби атрактивно за домашната јавност и во двете земји, но не ја зголемува шансата за решение и ние нема да го правиме тоа. Ние имаме свои јасни и прецизни позиции и ќе продолжиме да работиме со Бугарија во изнаоѓање на победничко решение. Македонските идентитет и гордост се и ќе останат големи како планина и без да мораме да правиме националистички спектакл од тоа. Многу е важно, како комшии и пријателски земји, заедно да чекориме на патот кон ЕУ, поддржувајќи се едни со други, бидејќи само така ќе донесеме напредок за сите наши граѓани, што е наша основна задача како политичари“,
посочи премиерот.
Целта е, објасни Заев, преку двете комисии – историската и меѓувладината, да се изнајдат решенијата кои, како што рече, секако ќе имаат дополнително појаснување, ангажман, посериозно имплементирање на обврските од договорот, како што е на пример Коридорот 8 или економската соработка, а со цел поуспешна реализација на Договорот за добрососедство.
„Очекуваме дека овие денови ќе се интензивираат разговорите, за на крајот, непосредно пред 17 ноември, а тоа е вторник, да дојдеме до решение“,
рече Заев.