Каракачанов тврди дека Бугарија на никаков начин не отстапила од своите позиции. Посочи дека на разговорите во Софија ги кажале нивните барања, а македонската страна вели треба да се изјасни до петок
Им објаснивме на нашите колеги од Македонија дека не можеме да направиме никаков компромис за прашањата поврзани со бугарската историја, со идентитетот на бугарските херои и со идентитетот на целиот нејзин народ, кој е дел од општата историја, порача бугарскиот министер за одбрана, Красимир Каракачанов коментирајќи ги денешните разговори на македонската и бугарската делегација во Софија.
Тој тврди дека бугарската страна на никаков начин не отстапила од своите позиции и рече дека македонската страна има рок до петок да се изјасни.
„Од тука натаму се е во рацете на колегите во Скопје. Макар и неколку денови до крајот на процесот, до петок, брзо да корегираат се што пропуштиле во моментот и да видиме дали тоа е доволно да почнат преговори. Но, за да нема никакви сомнежи, бугарската страна нема намера и не отстапи на никаков начин ниту точка од рамковната позиција од октомври минатата година,
изјави Каракачанов.
Каракачанов рече дека разговорите биле долги и со искрен и пријателски тон, а од бугарска страна било истакнато дека Бугарија „не води политика со инает, дека е суверена држава и не е под влијание на еден или друг европски главен град“.
„Мислам дека се промени една работа. Тие разбраа дека Бугарија не води некаква политика на инат, туку води принципиелна политика. Втората работа, која ја разбраа е дека Бугарија е суверена држава, која има свое достоинство, своја суверена и независна политика и на нејзе не влијаат ставовите на една или друга европска или светска престолнина. За жал, тоа го разбраа малку доцна, но пак ќе кажам, подобро е доцна отколку никогаш“,
вели Каракачанов.
Според него преговорите може да завршат на два начина – или со епилог добар и Бугарија и за Македонија или Македонија да почека за преговори со ЕУ.
„Ние не уценуваме. Бугарија не е кандидат за член на ЕУ, а секој кој сака да се зачлени треба да го почитува принципот на Унијата дека пред членството треба да се надминат отворените прашања со соседите“,
вели Каракачанов.
Овие изјави Каракачанов ги даде на новинарско прашање, по поставувањето на спомен плоча посветена на револуционерот Гоце Делчев во градот Самоков.
„Можеби денес некој во нашиот западен сосед не ја прочитал добро историјата и се прашува што бил е Гоце Делчев. Ако има сомнеж, може да ги прочита стотиците писма, статии и други материјали што ги напишал Гоце Делчев“,
порача Каракачанов