Писателот со индиско потекло Салман Ружди, кој уште од 80-тите години се соочува со смртни закани поради своите пишувања, денеска беше нападнат на сцена за време на неговото предавање во Њујорк. Како што објави „Асошиејтед прес“ , човек од толпата го прободел Ружди во вратот пред почетокот на неговата презентација. Според сведошта од присутните, напаѓачот го прободел 75-годишниот писател неколку пати во вратот. Ружди паднал на подот, а напаѓачот веднаш бил уапсен. Ружди со хеликоптер бил пренесен во болница, а детали за неговата здравствена состојба се уште нема.
Ружди се смета за контроверзен автор поради неговите либерални сфаќања, а неговата книга „Сатански стихови“ беше забранета во Иран во 1988 година бидејќи многу муслимани ја сметаат за богохулна. Една година подоцна, починатиот ирански водач Рухолах Хомеини издаде фатва, или указ, повикувајќи на смрт на Ружди.