Станува збор за нелегална градба на непознат инвеститор на булеварот „Никола Карев“, која на почетокот на месецов градежните инспектори на Општина Центар ја „маркираа“ за уривање. Оттогаш градбата не само што не е отстранета туку, напротив, расте во својот габарит и се опремува со фасадни материјали. Инаку, се работи за истата дивоградба која во 2017 година беше урната кога со Општината раководеше Андреј Жерновски. По неколкугодишно затишје, објектот повторно почнува да „никнува“ на Пластичарска
Ова беше доволен повод да испратиме прашања со Општина Центар за тоа дали се запознаени со ваквиот заплет на ситуацијата, што преземаат и воопшто да добиеме повеќе информации за случајот. Две недели подоцна единствениот одговор што го добивме, телефонски, гласеше: „Општина Центар нема одговор“
Нема земјоделец кому пирејот (во дел од говорните подрачја во земјава познат и како пир) не му задавал главоболки. Станува збор за мошне застапено повеќегодишно растение од семејството треви, автохтоно во Европа, Азија, на Арктикот и во Северна Африка. Пирејот во целиот свет се смета за инвазивно растение и е многу тешко за отстранување бидејќи ризомите (видоизменети стебла со дополнителни корења) се преплетуваат со корените на другите растенија. Дополнителна тешкотија задава тоа што секој откинат ризом потоа се развива во посебно растение.
Овој феномен изминативе години во земјава се пресели од руралните во урбаните средини добивајќи, во симболична смисла, своја неорганска форма преточена во дивоградби од бетон и челик. Разликата со органскиот, односно вистинскиот пиреј, е во интензитетот на главоболката, кој по сè изгледа е помал кај надлежните за одржување на редот во урбаното поле отколку кај земјоделците.
Карактеристичен пример е дивоградбата на булеварот „Никола Карев“, познат и како Пластичарска улица, што ја гради непознат инвеститор, која еднаш беше „откорната“, но изминатиот месец почна повторно да „никнува“.

Кога точно почнале градежните активности на оваа локација, не може да се утврди, но објектот што се гради нелегално Општина Центар го врати во радарот на јавноста.
Имено, на 7 декември годинава оттаму соопштија дека Градежниот инспекторат на Општина Центар дента затворил нелегално градилиште на булеварот „Никола Карев“, а истиот ден бил извршен вонреден инспекциски надзор во кој е констатирано дека станува збор за непознат инвеститор и се гради објект за кој нема издадено одобрение за градба од страна на Општината.
„Градежниот инспектор по увидот и затворањето на градилиштето донесе решение за отстранување на нелегалната градба во законски предвиден рок. Доколку не биде отстранета, Општината ќе пристапи кон административно извршување на објектот, за кое трошоците ќе паднат на товар на инвеститорот“,
соопштија тогаш од Центар.
Со информацијата за утврденото на терен и преземените активности, Општината упати и апел до инвеститорите и сопствениците да си ја обезбедуваат документацијата пред да почнат да градат, а во случаи како овој да постапат според решението за отстранување на нелегалните објекти.
Општина Центар соопштението го поткрепи и со фотографии од активностите на нејзините градежни инспектори. На нив можат да се забележат жолтите ленти поставени околу градбата од инспекторите со ознака „Затворено од Градежна инспекција на Општина Центар“.
Градбата, како што можеше да се види од фотографиите, е со кренато приземје со дрвена граѓа и челична арматура за кревање кат.
Фотографија на „360 степени“ од неделата, кога инспекторите на Општина Центар излегоа го затворија градилиштето, сведочеше дека на локацијата не само што не се урива туку работата на објектот оди нагоре.

Точно една недела подоцна „360 степени“ ја посети локацијата со цел да видиме дали интервенцијата на Градежниот инспекторат дала резултат или во најмала рака дали „непознатиот инвеститор“ постапил по наредбата на надлежните. Наидовме на и не толку зачудувачка глетка.
Не само што дивоградбата сè уште стоеше нечепната туку имаше и кат, кој никнал за една недела откако градежните инспектори го пломбираа градилиштето и најавија негово уривање доколку инвеститорот не го стои тоа сам. Дополнително, на карабината беше извлечена арматура за нов кат или, во најмал случај, поставување корвна конструкција.

На градбата може да се забележат и работници, а од жолтите ленти немаше ни траг. Не може да се видат ниту меѓу градежниот шут.
Ова беше доволен повод да испратиме прашања со Општина Центар за тоа дали се запознаени со ваквиот заплет на ситуацијата и воопшто да добиеме повеќе информации за случајот.
Прашањата што ги испративме до Општината беа следни:
- Дали Општина Центар и надлежните служби, односно Градежниот инспекторат при Општината се запознаени со ваквата состојба и доколку се, дали и какви мерки се преземаат за нејзино решавање?
- Во чија сопственост е земјиштето на кое се гради нелегалниот објект?
- Бидејќи не станува збор за нов случај, туку за него досега имаше повеќе интервенции од Општината, ве молиме да ни одговорите колку предупредувања и решенија за уривање, како и постапки за уривање на нелегалниот објект се извршени од Општината изминатите години?
- Зошто Општина Центар не може да утврди кој е инвеститорот што ја гради нелегалната градба?
- Кој е временскиот рок во кој надлежните служби на Општина Центар треба да постапат за отстранување на објектот доколку инвеститорот не го стори тоа?
На одговори од надлежните чекавме две недели. Откако ги испративме прашања, од Секторот за односи со јавност ни беше кажано дека тие се препратени до Градежниот инспекторат при Општина Центар и дека штом испратат одговори оттаму веднаш ќе ги добиеме.
Две недели подоцна единствениот одговор што го добивме, телефонски, гласеше:
„Општина Центар нема одговор“.
Во меѓувреме градежните активности на „непознатиот инвеститор“ продолжија, иако не се со оној интензитет што го очекувавме.
Дивоградбата нема уште еден кат. Првичниот впечаток беше дека е речиси во истата состојба како од пред две недели, да не беа металните рамки на приземјето за поставување изложни прозорци, од кои речиси половина веќе и беа на своето место.

Ако може да се суди според претходното искуство со оваа дивоградба, тогаш претстои нова одисеја со овој „пиреј“ на Пластичарската улица.
Вниманието на јавноста со оваа дивоградба, според она што може да се пронајде во архивите на интернет, прво беше свртено кон средината на декември 2016 година. Редот на настаните е како пресликан со индиго.
Тогаш медиумите известиле дека Општина Центар, со која тогаш како градоначалник раководеше Андреј Жерновски, спречила да никне дивоградба на аголот на улиците „Самоилова“ и булеварот „Никола Карев“, односно овластен градежен инспектор го затворил градилиштето, со што се стопира градбата.
Претходно пишувал порталот „Порта 3“, кога објектот беше во фаза на ископ, инспекторот донесе решение за враќање во првобитна состојба. Решението никој не го примил, а инвеститорот, кој е непознат, продолжил со градбата, иако нема соодветно одобрение.
Неколкупати на објектот била оставана покана инвеститорот да дојде во Општина Центар, но на ова тогаш не се одзвал никој.
Во меѓувреме динамиката со дивоградбата била идентична со сегашната. Дивоградбата на аголот на булеварот „Никола Карев“ и улицата „Самоилова“, која Општина Центар пред два месеца ја стопира, сега е веќе зграда, пишувал на 13 февруари 2017 година порталот „Сакам да кажам“. Во текстот се посочува дека инспекторите од Центар утврдиле дека објектот е дивоградба во период кога тој сѐ уште бил издигнат над земја. На терен тогаш излегле и инспектори од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и заеднички констатирале дека се работи за дивоградба на непознат сторител. Општината изготви решение за стопирање на градбата и му наложи на непознатиот сторител да ја отстрани, но два месеца подоцна градбата не само што не е отстранета туку е и порасната, посочува СДК.
Тогаш дошла и најавата од Центар дека се подготвува да ја урне дивоградбата.
На акцијата за уривање се чека речиси два месеци. Рано утрото на 4 април 2017 година во 3:30 часот Општина Центар, со асистенција на екипи на Министерството за внатрешни работи, ја урна дивоградбата помеѓу улиците „Самоилова“ и „Никола Карев“. При уривањето искршени биле делови од столбовите и последната плоча на објектот.
Ниту утрото на 4 април 2017 година на местото на дивоградбата не се појавил инвеститорот на објектот кој, како што пишува СДК, и тогаш останал непознат и покрај претходната најава од Жерновски дека покрај тоа што ќе го урнат дивоизградениот објект од инвеститорот ќе бараат одговорност и за тоа што не го почитувал решението за стопирање на градбата.