Уште еден судир меѓу некогашни и сегашни функционери на ВМРО-ДПМНЕ на денешната собраниска седница
Новата пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ Марија Петрушевска го нарече вечерва пратеникот Зекир Рамчиловиќ „предавникот Зекир“, во контрареплика, а најверојатно, алудирајќи на неговото гласање за уставните измени што произлегоа од Преспанскиот договор.
Во реплика на дискусијата на Петрушевска, Рамчиловиќ зборуваше за состојбите во Петровец, по што Петрушевска се јави за контрареплика, посочувајќи дека тој ги лажел и измамил сограѓаните во оваа општина.
„За моите сограѓани вие сте и ќе останете предавникот Зекир“,
рече Петрушевска.
Рамиловиќ одговори дека е својствено за оваа гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ да лепи етикети и да омаловажува.
„Затоа ја изгубивте поддршката меѓу Бошњаците во земјава и нема да победите на избори се додека не го смените начинот на однесување“,
возврати Рамчиловиќ.

Тој влезе во парламентот оваа седмица од листата на „Можеме“ во третата изборна единица, а на местото на Љупчо Николовски, кој вечерва ќе биде избран за вицепремиер.
Есента 2018 година Рамчиловиќ беше меѓу пратениците на ВМРО-ДПМНЕ што беа исклучени од партијата, затоа што гласаа за пристапувањето кон уставни измени согласно со Преспанскиот договор. Кон крајот на мандатот на минатиот собраниски состав, пак, тој ја напушти независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, по што беше избран за потпретседател на Собранието.