Петровска му порача на Ковачки да ја провери веродостојноста на изворот на информациите и рече дека веројатно тие се од истите кои и досега му ги сервирале сите лаги и шпекулации кои изминатиот период ги пласира
Министерката за одбрана Славјанка Петровска вели дека до неа нема пристигнато никакви писмени поднесоци со кои ќе се потврди скандалот со сексуално вознемирување на офицерки во Армијата, а за кој денеска од собраниската сала говореше пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.
„За ваков наводен скандал за кој денеска праша пратеникот Ковачки и кој прашањето го упати до претседателот на Владата, иако јас бев присутна за сето време на одржувањето на пратеничките прашања, за таква афера до овој момент јас официјално не сум известена. До мене како министерка за одбрана не се пристигнати никакви писмени поднесоци со кои ќе се потврди таков наводен скандал дека постои“,
рече Петровска во вечерашното гостување во емисијата „Клик плус“ на ТВ21.
На прашањето од каде се информациите кои ги изнесе пратеникот, Петровска рече дека тој ќе треба да си го провери изворот колку е веродостоен или, пак, како што рече, свесно го втурнуваат во некој десинформационен круг.
„Веројатно се од истиот извор кој му ги дал документите дека јас поседувам хациенда или од истиот тој кој го натера пред неколку месеци и на собраниската говорница и на неговите социјални мрежи да напише ‘припадници на военото разузнавање биле уапсени во Косово’. Кога на пратенички прашања ми беше поставено прашањето јас го покажав документот официјален од косовските власти и од КФОР со кој се потврдува дека таков инцидент не се случил. Веројатно информациите му се од истите тие кои досега му ги сервираат сите лаги и шпекулации кои изминатиот период се обидува да ги пласира“,
рече Петровска.
Министерката рече дека секогаш кога до неа ќе стигне некоја информација ја проследува до надлежните органи, затоа што, како што рече, таа не води истраги.
„Ако нешто до мене стигне како информација, без разлика дали е во пишана форма или понекогаш е усно соопштено, секогаш без двоумење и притоа без да водам јас истрага, јас веднаш го повикувам шефот на военото разузнавање и информирам за сите информации кои стигнале до мене кои не знам дали се вистина или не“,
додаде Петровска.
Во државата, рече Петровска, постојат правосудни органи и по службена линија јас сум должна да го спроведам овој пат.
„Ниту до денес, ниту во иднина сум влијаела или ќе влијаам со притскривање на некакви информации кои сум ги имала на располагање за некого да заштитам. Мислам дека и колегите и во министерството и во Армијата, сведоци се изминатиот период колку одлучни чекори сум презела и во делот на санкционирање на поединци кои направиле нешто за кое лично сум сметала и постоеле докази дека направил некое некривично дело меѓутоа дека направил престап кој не е во согласност со процедурите и правилата на функционирањето на министерството“,
додаде Петровска.
Дека сите информации кои ги добива ги пријавува во службите, министерката Петровска кажа и денеска од собраниската говорница, додека одговараше на прашањето на пратеникот Драган Ковачки, кој го упати до премиерот Димитар Ковачевски.
Министерката потенцираше дека никогаш нема со политичко влијание да се обидува да се замеша во истрагите и додека не види докази или не биде известена од надлежните органи, нема да може да презема ништо на своја рака.
Пратеникот Драган Ковачки од собраниската говорница рече дека во АРМ има сериозни случаи на злоупотреби на службената позиција и сексуално малтретирање на подредени офицерки и војници од страна на високи офицери, вклучително и од страна на генерали и од началници во воената безбедност.