Меѓу препораките се избегнување директно изложување на сонце и активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот, носење светла и лесна облека, заштитни очила и светлобојна капа, останување во затворени и климатизирани простории, при престој на отворено да се прават чести одмори под сенка, да се внесува умерена количина храна и редовно да се пие вода

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) објави препораки за заштита од екстремно топлото време какво што се предвидува дека претстои во следните десеттина дена.
Меѓу препораките се избегнување директно изложување на сонце и активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот, носење светла и лесна облека, заштитни очила и капа, останување во затворени и климатизирани простории, при престој на отворено да се прават чести одмори под сенка, да се внесува умерена количина храна, да се избегнува масна и висококалорична храна, како и храна која содржи голема количина шеќер, да се внесува доволно вода, да се избегнува алкохол, пијалаци што содржат кофеин и многу студени пијалаци.
Ранливите групи како лицата над 60 години, бремени жени, деца, социјално ранливи категории, работници на отворено, како и тие со хронични заболувања потребно е да бидат посебно дисциплинирани по однос на овие препораки и редовно да ја земаат својата терапија.
Од Институтот препорачуваат и затворање на прозорците и ролетните во текот на денот, а во паркирано возило да се отвори прозорец. Се препорачува туширање со млака вода по потреба, а за дополнително разладување да се ставаат ладни облоги или да се потопат стапалата во студена вода.
Доколку се јави чувство на зашеметеност, слабост, вознемиреност или интензивна жед и главоболка, треба да се побара помош, да се оди во постудено место колку што е можно побрзо и да се измери телесна температура. Ако има потреба, треба да се побара и лекарска помош.
„Имајќи ги предвид изнесените информации, Институтот за јавно здравје упатува апел до граѓаните да ги почитуваат препорачаните мерки за заштита од топлотен стрес и да обрнат посебно внимание на ранливите групи во популацијата“,
велат од ИЈЗ.
Како што информираше Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), под влијание на топла воздушна маса од југ во продолжениот викенд и до крајот на следната седмица времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Дневната температура насекаде ќе биде над 32 степени, а во некои места ќе надмине 40 степени.
