Службата за цивилната заштита ги повика жителите, поради претпазливост, да го напуштат подрачјето во правец кон предградието Перистери. Наредената евакуација е поради заштита на населението од вдишување чад кој е опасен особено за децата и повозрасните

Голем шумски пожар избувна западно од грчкиот главен град Атина денеска попладне и предизвика густи облаци чад што се издигаат над предградието Дасос, а беа видливи и во центарот на главниот град.
Службата за цивилната заштита ги повика жителите, поради претпазливост, да го напуштат подрачјето во правец кон предградието Перистери. Наредената евакуација е поради заштита на населението од вдишување чад кој е опасен особено за децата и повозрасните.
Грчките итни служби и понатаму се ангажирани со други големи пожари во земјата, при што ситуацијата е посебно критична на околу 60 километри северозападно од Атина. Таму огнот се шири долж фронт кој се протега на повеќе километри. Локалните медиуми објавија дека во подрачјата Агиос Василиос и Порто Гермено стотици луѓе морале да бидат спасувани со чамци откако биле опколени од огнот.
Пожарникари и противпожарни хеликоптери се распоредени за да спречат ширење на пожарот кон густо населеното подрачје.
Уште еден голем пожар беснее на полуостровот Пелопонез, во близина на Порто Хели. Бројни села и таму се евакуирани.
Силните ветрови ги отежнуваат напорите за гаснење на пожарот од воздух, оневозможувајќи им на противпожарните авиони и хеликоптери да летаат со полн капацитет.
На островот Крит противпожарната служба ги продолжи операциите, а ситуацијата со пожарите значително е подобрена. Сепак, опасноста сè уште не е целосно помината бидејќи засилените ветрови би можеле повторно да го разгорат огнот во кој било момент.
