Дополнителната заменик-министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска денеска изјави дека односите со техничкиот министер Наќе Чулев ѝ се коректни, што, како што рече, е во интерес на граѓаните. Според неа, најголем дел од несогласувањата се надминати, но сепак таа останува на ставот дека ќе поднесе кривична пријава.
Во однос на предлогот на Чулев, Ристе Ставревски да биде началник на СВР Скопје, Петровска вели дека треба да се има предвид дека во 2016 година имало слични ситуации на несогласување на техничкиот министер со дополнителниот заменик-министер кои во различни судски постапки завршиле различно.
„Останувам на принципиелниот став дека лице, не е битно кое, што е вмешано или на каков било начин во минатото учествувало во вршење изборни притисоци, не треба да биде на една од челните позиции. Но на крајот на денот секој носи политичка одговорност за кадрите што ги предлага“,
рече дополнителната заменик-министерка Петровска на прес-конференцијата во Владата.
На новинарско прашање дали ова е индиректна порака до министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, таа нагласи дека тоа е порака до сите припадници во МВР своите задачи да ги извршуваат согласно законите за внатрешни работи и за полиција. Заеднички ставови имаат за реформските ставови согласно агендата за пристапување на државата во НАТО и во ЕУ.
„Во овој момент конкретни сознанија или некакви активности нема во однос на паралелни структури, но пораката е однапред пратена за да не се случи некаква непријатна ситуација во иднина“, изјави Петровска.
Несогласувањето меѓу Петровска и Чулев за именувањето на Ставревски за началник во СВР Скопје заврши пред Државната изборна комисија која се прогласи за ненадлежна за ова прашање посочувајќи дека тие се во надлежност на министерот според членот 44 и тие именувања не подлежат на активностите што се дадени од членот 46, 48 и понатаму 47, кои се однесуваат на организација на изборите.
Пред десетина дена Петровска најави дека ќе поднесе кривични пријави до надлежното обвинителство против Чулев, поради несовесно и нестручно работење бидејќи со неговото работење го нарушил работењето на полицијата и ја загрозил безбедноста на граѓаните.
Се работи за телеграмата што тој на 10 јануари ја испрати до сите раководители на организациските единици во рамките на МВР да не ги врачуваат решенијата за распределување работници што ги потпишал неговиот претходник Оливер Спасовски.
Како што објави „360 степени“, како резултат на ваквата наредба на Чулев, куќата во Куманово во која живее премиерот на техничката влада, Оливер Спасовски, на 11 јануари останала без полицаец во стражарската куќичка.
Но, според нашиот извор, ова не е единствениот проблем што го предизвика телеграмата на Чулев. Недостиг на луѓе се појавил на граничните премини „Долно Блаце“ и „Јажинце“ на северната граница и во обезбедувањето на амбасадите на Албанија и на Турција, кои засилено се покриваат по настаните Блискиот Исток. Извесен вакуум се појавил и во обезбедувањето на амбасадите на Бугарија, Босна и Херцеговина, Чешка и резиденцијата на амбасадорот на Европската Унија.
Без доволно луѓе останале и увидните екипи на крим-техника.
*Поврзани вести
Што се договорија Чулев и Петровска?
Обезбедувањето на Иванов се пријавило кај Пендаровски, но не почнало со работа
За СДСМ Чулев ја загрозува безбедноста, за ВМРО-ДПМНЕ доаѓа време на професионализација
Чулев бара да се вратат десетици службени возила, Петровска се сомнева во превид на министерот