Она што е најважно за граѓаните и за јавноста е дека авиосообраќајот во Република Северна Македонија е безбеден и се одвива согласно правилата на „Еуроконтрол“, вели министерката за одбрана

Авиосообраќајот во земјава е безбеден, а предлогот за разрешување на раководството и Управниот одбор на М-НАВ е за да се испрати пораката дека компромис со безбедноста на авиосообраќајот – нема и не смее да има, рече денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска во врска со случувањата во М-НАВ.
„Предлогот за разрешување е бидејќи сакаме да ја испратиме пораката дека компромис со безбедноста на патниците и безбедноста на македонското небо нема да има и не смее да има. Истовремено, ги повикуваме и политичките партии и политичките движења во државата да не ги користат и да не ги злоупотребуваат ниту вработувањата ниту вработените во оваа институција за остварување на своја лична агенда. Она што е најважно за граѓаните и за јавноста е дека авиосообраќајот во Република Северна Македонија е безбеден и се одвива согласно правилата на ‘Еуроконтрол’“,
изјави Петровска.
Таа смета дека раководството на М-НАВ потфрлило во целта да се воспостави работен ред и дисциплина во институцијата.
„Случувањата во М-НАВ, особено невозможноста да се воспостави работен ред и дисциплина во институцијата, како и немањето на соодветен дијалог помеѓу работодавците и Синдикатот, очигледно дека предизвикаа бранувања и во јавноста, но и во институциите. Претседателот на Владата, во консултација со мене како министер за одбрана и министерот за транспорт и врски, донесе одлука дека на следната седница, т.е. седницата во вторник на Владата ќе предложи разрешување на директорите и управниот одбор на М-НАВ“,
рече Петровска.
По последните случувања во Македонската навигација, кои ескалираа со вчерашниот упад во институцијата и напад на тројца вработени, Владата најави дека на наредната седница ќе биде предложена и донесена одлука за разрешување на целото раководство, како и на сите членови на Управниот одбор на М-НАВ.
Претходно синоќа, Струковиот синдикат на контролори на летање одржа вонреден состанок на кој, како што информира неговиот лидер Тасевски, биле донесени четири одлуки и барања. Една од нив е и дека Синдикатот в среда ќе стапи во штрајк доколку Владата не ги разреши директорите на М-НАВ, за кои сметаат дека се виновни што институцијата е доведена во ваква состојба.
Инцидентот во кој вчера непознати лица упаднале во М-НАВ и нападнале вработени во контролата на летање, директорот на М-НАВ, Фахрудин Хамиди, денеска на прес-конференција го опиша како кошкање и личен конфликт меѓу двајца вработени.