Министерката за одбрана рече дека нема толерира никаков обид за корупција за какво било прашање, одговарајќи на тврдењата на Ковачки дека во МО се дава мито од 3 500 до 5 000 евра за учество во мисии во странство, за прием во професионални војници, како и за унапредување на војници во подофицери
Наводна корупција во Министерството за одбрана и сомневања за непријавен имот беа главните теми околу кои министерката за одбрана Славјанка Петровска и пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки ги судрија аргументите во емисијата „Само вистина“ на Канал 5.
Министерката за одбрана рече дека нема толерира никаков обид за корупција за какво било прашање, одговарајќи на тврдењата на Ковачки дека во МО се дава мито од 3 500 до 5 000 евра за учество во мисии во странство, за прием во професионални војници, како и за унапредување на војници во подофицери.
Оваа сума, според сознанијата на Ковачеки во меѓувреме била зголемена на шест илјади евра.
Министерката за одбрана околу ова појасни дека во МО долго време е присутна шпекулација, бидејќи засега ништо не е потврдено.
Таа рече дека уште во март-април годинава се обратила до службите во МО задолжени за безбедност, кога првпат до неа стигнале информации за вакви случаи.
„Сакав прво да го заштитам угледот на МО и на Армијата, второ и сопствениот заради тоа што тие решенија за упатување припадници на Армијата во странски мисии ги потпишувам јас. Сакав да покажам дека јас немам што да кријам, ниту сум побарала, ниту сум примила, ниту тоа ќе биде во иднина и сакав од својот личен пример да тргнам и да кажам дека ќе се спротивставиме на каков било обид за корупција“,
истакна министерката Петровска.
Таа истакна дека истрагата која е во тек ја поддржува, а има обврска прво како министер, но и како граѓанин, тоа да го пријави и тоа, како што подвлече, го направила.
Прашан дали тој има информации дека парите завршуваат кај неа, Ковачки одговори „треба да се истражи дали вие ги земате парите или дали некој околу вас ви ги подметнува решенијата да ги потпишувате“.
„Јас сум убеден дека е некој околу вас што ги зема парите и тоа треба да си го проверите од вашето најблиско опкружување“,
рече Ковачки.
Министерката Петровска истакна дека е загрижена за тоа дали пратеникот Ковачки ги користи своите врски со поранешни колеги во МО и во Армијата и од таму црпи одредени информации и свесно ги соопштува во јавноста, сакајќи да добие ситни политички поени.
Пратеникот Ковачки во емисијата покажа документ од 2021 година во кој генерал на Армијата со негова комисија се сомнева и тврди дека се примени професионални војници во Армијата со законски пречки, како што се приведување за тешка кражба, со судска постпака, потоа предлог за прекин на договор поради трајна ограниченост за служење во војска, судска пресуда и наод од воена лекарска комисија за ограничено способни за служба.
Тој и го отстапи документот на министерката Петровска и рече дека очекува веднаш да се постапи и уште вечерва да има апсења.
Министерката Петровска, пак рече дека овој документ не треба да и го дава нејзе, туку да го дтсави до Јавното обвинителство.
„Јас овој докуемнт ќе го земам, но не сум јас адресата, јас сум политички избрано и именувано лице. Јас освен што имам обврска да пријавам не треба на никаков начин да влијаам на истрагата. Вие со давањето на овој документ на мене, сакате да ме вмешате во истрагата. Тоа е политиканство и тоа јас нема да го прифатам“,
рече Петровска.
На прашањето за лицата кои давале мито, Ковачки потенцираше дека единствен начин вакви лица да влезат во Армијата е или преку партија или преку плаќање на работното место.
„Значи нема друг начин тоа да се случи ако тоа не е направено преку партија СДСМ или ДУИ или ако имаат дадено пари, односно да ги имаат дадено парите во партијата“,
рече Ковачки.
Покрај тоа, на прашање на пратеникот зошто во анкетниот лист доставен до Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), има пријавено два кредити и една кредитна картичка, а нема пријавено никаков имот Петровска одговори дека се што има е пријавено.
Петровска притоа истакна дека тој во вечерашната емисија повторно пласирал лажна вест поврзана околу нејзиниот анкетен лист, за што побара извинување.
„Ако имам непријавен имот, јас ќе го донирам на ВМРО ДПМНЕ и онака имотот им е одземен со судски наредби. Целото дејствување на ВМРО-ДПМНЕ, па и на пратеникот Драган Ковачки е базирано на лаги“,
рече министерката Петровска.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска, на 9 ноември јавно го повика пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки на ТВ соочување со цел, како што напиша на Фејсбук, да ги разјаснат сите обвинувања.