„Иако имаше многу обиди од страна на пратеникот Ковачки да ги одолговлекува судењата, сепак вистината победи. На седница одржана на 23.4.2026 година, Апелацискиот суд Скопје ја потврди првостепената одлука за изречена клевета и навреда врз мене“, вели ексминистерката за одбрана и актуелна пратеничка од СДСМ во објавата на Фејсбук, во која информира за пресудата на второстепениот суд
Апелацискиот суд Скопје кон крајот на април донел пресуда со која ја одбил жалбата на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, и ја потврдил првостепената одлука на Основниот граѓански суд Скопје, според која тој пред три години искажал навреди и клевети кон тогашната министерка за одбрана, а сега пратеничка од редовите на СДСМ, Славјанка Петровска.

Петровска го тужеше Ковачки поради неговите тврдења изнесени на прес-конференции и јавни настапи дека поседува луксузна хациенда со базен во скопската населба Радишани и дека ја крие од јавноста. На крајот на март 2024 година Основниот граѓански суд пресуди во корист на Петровска, по што Ковачки вложи жалба на ваквата одлука пред второстепениот суд.
„Жалбата на тужениот се одбива како неоснована“,
се наведува во пресудата на Апелацискиот суд која денеска на својот фејсбук-профил ја сподели актуелната пратеничка на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во Собранието.
Пресудата на Апелацискиот суд е конечна и извршна.
„Пред 3 години, на неколку прес-конференции, тогашниот, а и сегашен пратеник Драган Ковачки, јавно ме обвинуваше дека поседувам имот, хациенда со базен, кој наводно сум го криела, односно не сум го пријавила, како што налага Законот за спречување на корупцијата. Тогаш, најодговорно тврдев: не поседувам скриен имот и посочениот имот никогаш не бил мој. Но, упорно и континуирано се ширеа лаги и дезинформации, со една единствена цел да се нарушат мојот углед и чест. Иако имаше многу обиди од страна на пратеникот Ковачки да ги одолговлекува судењата, сепак вистината победи. На седница одржана на 23.04.2026 година, Апелацискиот суд Скопје ја потврди првостепената одлука за изречена клевета и навреда врз мене“,
вели Петровска во објавата.
Според неа, пресудата на Апелација е уште едно демаскирање на, како што наведува, лагите со кои ВМРО-ДПМНЕ дошла на власт.
„Ова е уште едно демаскирање на лагите со кои ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт. Лаги, конструкции и политички напади, тоа беше нивната алатка тогаш, а тоа е нивната алатка и денес. Но, вистината има една предност: може да биде напаѓана, одложувана и извртувана, но на крајот сепак излегува на виделина. Како што дошле со лаги, така и ќе си заминат кога граѓаните ќе одлучат“,
порачува пратеничката и ексминистерка.
Според пресудата на второстепениот суд, Петровска го повлекла делот од тужбата кој се однесуваше на надоместокот на штета од 610 000 денари што Ковачки требаше да ѝ ја плати со камата од датумот на донесување на пресудата до исплатата. Со одлуката на Апелација, Ковачки се задолжува на Петровска да ѝ ги надомести трошоците за поднесениот одговор на жалба, во износ од 8 000 денари, а во рок од 15 дена по приемот на пресудата.
Одлуката на Апелација доаѓа по нешто повеќе од две години откако Основниот граѓански суд Скопје пресуди во корист на Славјанка Петровска. Тужбата за навреда и клевета таа ја поднесе на крајот на ноември 2023 година, а се однесуваше на наводите на тогашниот, а и сегашен пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, дека таа поседува луксузна хациенда со базен во скопската населба Радишани која ја крие од јавноста.
Ковачки тогаш на прес-конференција, а подоцна и од собраниската говорница покажуваше фотографии и документи тврдејќи дека има имотен лист на нејзино име и ја обвини тогашната министерка за одбрана дека имотот не го пријавила во анкетниот лист во Државната комисија за спречување корупција (ДКСК).
На обвинувањата на Ковачки, ексминистреката уште тогаш одговори станува збор за груба лага и манипулација и дека имотот за кој говорел пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ таа никогаш не го поседувала.
