На северот на Косово, етничките Срби 15 дена стојат на барикадите, барајќи слобода за уапсените Срби и повлекување на косовските специјалци од северот на земјата. Српската листа вчера соопшти дека Приштина објавила нов список за прогон на етничките Срби на кој се наоѓа раководството на партијата, угледни Срби од Косово но и братот и синот на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Откако пратеник од партијата на Курти на социјалните мрежи објави список на лица кои треба да бидат уапсени, премиерката на Србија, Ана Брнабиќ кажа дека тоа не е новост додека пак министерот за внатрешни работи на земјата, Братислав Гашиќ кажа дека тој список е список за отстрел и дека тоа е јасен показател дека властите во Приштина нема да им дадат мир на Србите.
Министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ пак, изјави дека списокот е уште еден доказ за тоа колку Курти е спремен за ескалација на состојбите во Косово.
И додека траат обвинувањата од двете страни, народниот правобранител во Косово заедно со своите заменици одржа состанок со уапсениот Дејан Пантиќ кој побара да добие дозвола да биде сместен во притворниот центар во Митровица и да го види своето семејство но и адвокатот со кого немал контакт од неговото апсење пред 13 дена.