Прво формирајте Заедница на српски општини (ЗСО), а потоа ќе ги отстраниме барикадите, рече денеска српскиот претседател
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека барикадите на северот на Косово ќе бидат отстранети кога Приштина ќе ја формира Заедницата на српските општини.
„Прво формирајте Заедница на српски општини (ЗСО), а потоа ќе ги отстраниме барикадите“,
изјави Вучиќ во Азербејџан.
Според него Приштина ниту сака да слуша ниту слуша, туку сака само да го понижи Белград.
Вучиќ повтори дека Србите во Косово само сакаат да преживеат и да бидат „свои“. Тој оцени дека однесувањето на КФОР е многу пофер од однесувањето на повеќето западни влади.
„КФОР сериозно и одговорно ја третираат ситуацијата“,
рече Вучиќ.
Тој побара објаснување од Приштина во врска со апсењето на поранешниот полицаец на косовската полиција Дејан Пантиќ, наведувајќи дека на Белград не му биле соопштени причините за неговото апсење.
„Кажете ни што направил Пантиќ, кажете ни да знаеме што направил тој човек“,
рече Вучиќ, наведувајќи дека тоа не може да се прочита во приштинските медиуми, бидејќи Пантиќ, како што рече, не направил ништо.
Денеска српската премиерка Ана Брнабиќ упати барање до организациите од граѓанскиот сектор да се изјаснат за ситуацијата во Косово, наведувајќи дека ситуацијата таму е „на работ на вооружен конфликт“.
Блокадите на граничните премини „Јариње“ и „Брњак“ меѓу Косово и Србија траат веќе дванаесет дена.
Косовските Срби ,чии барикади се поставени во општините Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ, не отстапуваат од нивниот протест и велат дека блокадите ќе бидат отстранети кога ќе бидат ослободени поранешните припадници на косовската полиција Дејан Пантиќ, Слаѓан Трајковиќ и Миљан Аџиќ, но и кога специјалните сили на косовската полиција ќе се повлечат од северот.
Синоќа во Косовска Митровица се слушнале неколку детонации, кои, како што јави јави репортерот на РТС, станале секојдневна појава. Нема информации што ги предизвикало детонациите, дали полицијата уништувала пиротехнички средства или целта била да се вознемири јавноста.
Кризата на северот на Косово започна кога локалното српско население подигна барикади во знак на протест против апсењето на српскиот полицаец Дејан Пантиќ.
Властите во Косово наведуваат дека Пантиќ е осомничен за организирање на „терористички напад“ врз канцелариите на Централната изборна комисија на северот на 6 декември.
КФОР претходно објави дека го зголемил присуството на граничниот премин Јариње поради можното присуство на „организирани криминални групи“.