Мандатарот за состав на новата бугарска Влада, Кирил Петков, од „Промената продолжува“, денеска напладне го претстави владиниот состав, кој ќе биде коалициски и ќе вклучува четири партии и коалиции.
На новинарско прашање околу позицијата на Бугарија кон Северна Македонија, Петков кажа дека таа останува иста. Но, смета дека и двете земји можат многу да добијат од добрососедството и тоа треба да се направи врз основа на добра комуникација и доста работа.
„Бугарската позиција останува таква каква што е, но сакаме да ја надградиме. Не сакаме да продолжиме само со пароли од двете страни на границата, сакаме да седнеме заедно, тимови од различни сфери да работат и да одиме кон добрососедство. Но, истовремено ќе ги браниме и бугарските национални интереси“,
порача Петков.
Инаку, во предложениот владин состав има пет вицепремиери и 17 министри. За министерка за надворешни работи е предложена Теодора Генчовска, од партијата „Има таков народ“ на Слави Трифонов. Во двата обиди на ИТН да формира влада, таа беше предлог за министерка за одбрана.
Меѓу петте вицепремиери и министер за финансии е предложен копретседавачот на „Промената продолжува“ Асен Василев. Вицепремиерка за ефективно владеење е Калина Константинова (ПП), вицепремиерка и министерка за економија и индустрија – Корнелија Нинова (БСП), вицепремиер и министер за регионален развој е Гроздан Караџов (ИТН), а вицепремиер и министер за животна средина – Борислав Сандов (ДБ).
Петков очекува владиниот состав в понеделник да биде изгласан и кажа оти се надева дека владата ќе го отслужи целиот мандат.