Во МНР досега се обработени 4.000 пријави, а 2.100 од контактираните граѓани ги прифатиле условите
Пет илјади македонски граѓани кои се наоѓаат надвор од државата побарале помош од Министерството за надворешни работи да се вратат дома – до крајниот рок за пријавување на 22 март 2020 година. Досега се обработени 4.000 од пријавите, а 2.100 граѓани се согласиле со поставените услови и ќе се вратат организирано, соопшти министерот за надворешни работи Никола Димитров во гостување на Телма.
„Имаме 5.000 македонски граѓани кои бараат помош да се вратат дома. Нашите луѓе се јавуваат на секој поединечно да им кажат дека заради кризата ќе треба да имаат извесен надомест за трошоците за чартер летот и дека треба да прифатат да поминат 14 дена во карантин, кој го покрива државата. Досега имаме обработени 4.000 пријави и утре ќе заврши овој процес. Од тие, 2.100 граѓани се согласуваат со условите. Ние нема да имаме ресурси да организираме чартер летови бидејќи имаме по еден граѓанин што се пријавил во Тајланд, во Нов Зеланд. Пред се ќе одиме во земјите каде што има голема концентрација и најмногу барања, како што се европските земји“,
изјави Димитров и додаде дека, согласно Уредба од Владата донесена денеска, задача на МНР е јавувањето и правењето списоци, а Генералниот секретаријат ќе упати повик до авиокомпании да се организираат чартер летови.
Соопшти дека во Германија има најмногу македонски државјани, од каде што ќе има организирано повеќе чартер летови, а меѓу побројните е и Малта. Летовите ќе бидат органзизирани до скопскиот аеродром.
–