„Тој би сакал да помогне. Му реков: ‘Пред да ми помогнеш мене, сакам да ја завршиш твојата војна’“, изјави Трамп пред новинарите во Овалната соба, потврдувајќи го разговорот со Путин
Советникот на Путин за надворешна политика, Јуриј Ушаков, соопшти дека рускиот претседател изразил подготвеност да објави привремен прекин на огнот во Украина што би се совпаднал со прославите на Денот на победата на 9 мај
Претседателите на Русија и на Соединетите Американски Држави (САД), Владимир Путин и Доналд Трамп денеска имале телефонски разговор, во кој разговарале за војните во Иран и во Украина, пренесоа светските медиуми.

Разговорот бил на иницијатива на Путин и според неговиот советник за надворешна политика, Јуриј Ушаков, траел повеќе од еден и пол час. Во него, според Ушаков, рускиот претседател рекол дека Москва ја смета можноста за копнена операција на САД во Иран за опасен потег, додека истовремено ја поздравил одлуката на Трамп да го продолжи прекинот на огнот во регионот на Блискиот Исток.
Разговорот во изјава за новинарите во Белата куќа го потврди и американскиот претседател, оценувајќи го како многу добар.
Американскиот претседател рече дека Путин понудил помош за дислокација на збогатениот ураниум на Иран во Русија, но додаде оти му рекол на рускиот претседател оти претпочита првин да ја заврши војната во Украина.
Москва и претходно предложи да преземе контрола врз иранските резерви со збогатен ураниум, на сличен начин како што Руската федерација го напарави тоа во рамките на договорот од 2015 година, познат како Заеднички сеопфатен акционен план за иранската нуклеарна програма.
„Тој би сакал да помогне. Му реков: ‘Пред да ми помогнеш мене, сакам да ја завршиш твојата војна’“,
изјави Трамп пред новинарите во Овалната соба.
Прашан која војна очекува да заврши побргу, Трамп рече дека според него двете војни можат да завршат во идентична временска рамка.
„Повеќе зборувавме за војната во Украина, но тој би сакал да помогне (за Иран). Му реков, пред да ми помогнеш, сакам да ја завршам твојата војна. Имавме добар разговор, го познавам (Путин) долго време. Мислам дека тој беше подготвен за договор уште пред некое време. Мислам дека некои луѓе му отежнаа да направи договор“,
рече Трамп, одговарајќи на прашање за содржината на телефонскиот разговор со својот руски колега.
Во разговорот, Путин, според Кремљ, му рекол на Трамп дека руските сили ја задржуваат иницијативата на линиите на фронтот и оти ги потиснуваат украинските позиции, пренесе „Гардијан“.
Сепак, проценките на воените аналитичари и информациите од отворени извори за напредувањето на бојното поле укажуваат дека ниту една страна не изгледа блиску до пробив. Напредокот на Русија се забави во последните месеци, при што двете армии покажуваат знаци на исцрпеност и претрпуваат големи жртви, додека продолжуваат да ги таргетираат енергетските инфраструктури една на друга, преку напади со дронови и проектили.
Трамп претходно наизменично ги обвинуваше Москва и Киев за тековните борби, но во неодамнешните коментари повторно стави поголема одговорност на Украина.
Инаку, како што пренесе „Гардијан“ во телефонскиот разговор Путин и Трамп дискутирале околу можноста за привремен прекин на огнот во Украина, што доаѓа во период кога украинските беспилотни летала со долг дострел продолжуваат речиси секојдневно да напаѓаат цели на руска територија речиси. Нападите во голема мера се насочени кон индустриски и воени објекти, вклучувајќи нафтена инфраструктура и логистички центри.
Претходно денеска, Кремљ соопшти дека планира овогодинешната парада за Денот на победата да биде поскормна, без прикажување на воена опрема, а како причина ги наведе заканите од можни украински напади.
Инаку, Украина останува скептична во однос на краткорочните предлози за прекин на огнот од Москва, обвинувајќи ја Русија дека ги користи таквите паузи за прегрупирање и подготовка за понатамошни напади.
Ушаков изјави дека Путин изразил подготвеност да објави привремен прекин на огнот што би се совпаднал со прославите на Денот на победата на 9 мај.
Во еден момент, Трамп на новинарите во Овалната соба им рече дека украинската војска е поразена, велејќи дека земјата ги изгубила сите свои бродови и авиони, но според „Гардијан“ најверојатно станува збор за забуна кај американскиот претседател и мешање на Украина со Иран, бидејчи претходно тој користел идентичен наратив додека ја опишувал како успешна воената операција на САД против Иран.
