„Разговаравме за можностите, за предизвиците, но и за сето она коешто нè поврзува и како сето тоа да го зголемиме и засилиме во периодот што следува. Убеден сум дека во периодот што следи нашите билатерални односи ќе го достигнат она ниво коешто и ние го очекуваме, особено во делот на економската соработка и трговската размена“, изјави премиерот по средбата со претседателот на швајцарската конфедерација
Пармелан посочи дека двете земји се комплементарни во економската соработка, односно, како што рече, Швајцарија е таа што ги носи иновациите и технологијата, додека земјава ќе придонесува во однос на работната сила и поддршката на работниците. Притоа, тој потсети дека во државава веќе се присутни повеќе од 100 швајцарски фирми
Премиерот Христијан Мицкоски во изјава за медиумите по средбата со претседателот на Швајцарската конфедерација, Ги Пармелан, кој е во официјална посета на земјава, посочи дека Швајцарија е еден од најзначајните партнери на Македонија во делот на развојната соработка, а билатералните односи, како што оцени, имаат потенцијал дополнително да зајакнат.

На средбата, односно на работниот ручек, на која присуствувале претставници на Владата и на бизнис-заедницата, како што кажа премиерот, било разговарано токму за можностите за унапредување на соработката, за заедничките предизвици, како и за продлабочување на партнерството во наредниот период.
„Разговаравме за можностите, за предизвиците, но и за сето она коешто нè поврзува и како сето тоа да го зголемиме и засилиме во периодот што следува. Убеден сум дека во периодот што следи нашите билатерални односи ќе го достигнат она ниво коешто и ние го очекуваме, особено во делот на економската соработка и трговската размена“,
изјави Мицкоски.
Примерот, во таа насока, кажа дека Владата ќе продолжи интензивно да работи на подигање на билатералните односи меѓу Македонија и Швајцарија на повисоко ниво и упати благодарност за досегашната поддршка од Швајцарија.
Претседателот на Швајцарската Конфедерација, Ги Пармелан, по средбата со премиерот и бизнис заедницата, изјави дека неговата земја силно останува посветена на продлабочување на билатералните односи со Македонија, со посебен акцент на економијата, инвестициите и стабилноста во регионот.
„Дојдени сме тука да продолжиме да соработуваме и да ги продолжиме сите наши билатерални односи“,
рече Пармелан додавајќи дека Швајцарија веќе три децении одржува континуирана соработка со Македонија.
Тој посебно се осврна на македонската дијаспора во Швајцарија, нагласувајќи ја нејзината значајна улога во поврзувањето на двете држави.
„Имаме преку 100 000 Македонски во Швајцарија, од кои 40 000 веќе поседуваат државјанство“,
рече Пармелан.
Според претседателот на Швајцарската Конфедерација, еден од клучните резултати од неговата посета на земјава ќе биде отворање на швајцарска комора во Македонија.
„Во текот на оваа моја посета, најважно е да се потенцира дека во Македонија, од страна на Швајцарија, ќе се отвори комора“,
изјави тој додавајќи дека фокусот ќе биде ставен на продлабочување на билатералната соработка во економијата и инвестициите.
Пармелан посочи дека двете земји се комплементарни во економската соработка, односно, како што рече, Швајцарија е таа што ги носи иновациите и технологијата, додека земјава ќе придонесува во однос на работната сила и поддршката на работниците. Притоа тој потсети дека во државава веќе се присутни повеќе од 100 швајцарски фирми.
Во тој контекст, швајцарскиот претседател посочи дека клучни предуслови за странски инвестиции се безбедноста и правната сигурност.
„За да се инвестира во една држава, потребно е да се има сигурност и безбедност, особено од логистичка и правна гледна точка“,
рече тој.
Претседателот на Швајцарската конфедерација истакна и дека неговата земја има јасна цел да ја поддржи Македонија на нејзиниот европски пат.
„Целта на Швајцарија е да ја поддржи Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија. Стабилноста и просперитетот на Балканот и на Западен Балкан се поддржани од страна на Швајцарија, Во однос на меѓународната соработка, Швајцарија има вложено повеќе од 30 милијарди евра во областа на инфраструктурата и логистиката. Иако се постигнати значајни чекори, и понатаму останува одредена несигурност на овие простори“,
изјави швајцарскиот претседател.
