Обврска на министерот за локална самоуправа, како што вели, е да ги посети локалните самоуправи и да го осознае нивното секојдневно работење за да ги подобри состојбите
Министерот за локална самоуправа Златко Перински не се согласува со констатацијата дека со карванот „Каде што срцето е дома“, со која ги посетува општините, почнува предвемена кампања за локалните избори.
Обврска на министерот за локална самоуправа, како што вели, е да ги посети локалните самоуправи и да го осознае нивното секојдневно работење за да ги подобри состојбите.
„Основната работа на Министерстовото за локална самоуправа се локалните самоуправи и тоа е нешто што ние на дневна основа го работиме. Покрај локалната политика третираме и регионален развој. Точно дека некој ова го предвидува како почеток на предизборна кампања, но јас не се согласувам со таа констатација заради тоа што обврска на министерот е да ги посети локалните самоуправи и да го осознае нивното секојдневно работење за да ги подобри состојбите“,
изјави Перински по посетата на Општина Ѓорче Петров во рамки на карванот „Каде што срцето е дома“.
Рече дека жали што Министерството за локална самоуправа во изминатите години не било на висина на задачата бидејќи, како што вели, овој ресор е исклучително важен во рамки на функционирањето на Владата зашто тангира две многу важни и суштински теми – локалната политика и регионалниот развој.
„Доколку овие две материи не се третираат соодветно ќе ни се случува она што ни се случува сега – половина Македонија да ни доаѓа во главниот град, а 70 отсто од територијата да ни се празни и иселува“,
додаде министерот.
Министерот за локална самоуправа Златко Перински неколкупати јавно ги искажа своите амбиции за потенцијален кандидат за градоначалник на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.