„Има правен процес и, според моите сознанија, тој процес е во тек и го следиме одблизу и сакаме да видиме дека се почитува законот“, изјави денеска американската амбасадорка прашана за коментар за иницијативата за смена на Коцевски и интерпелациите за петмина членови на Судскиот совет
Американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер, не ги коментира последните случува во правосудството поврзани со иницијативата на Владата за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски и интерпелациите на петмина членови на Судскиот совет, но вели дека САД многу одблизу ги следат овие процеси и она што сакаат да го видат е дека се почитува законот.

Овие теми кои се во фокусот на јавноста беа неодминливи и за Агелер, која денеска на настан првин беше прашана како ги коментира намерите на Владата за смена на државниот јавен обвинител, на што таа одговори:
„Немам коментар. Запознаена сум со нив, го следиме процесот. Моите сознанија се дека процедурата е во тек и секако дека ја следиме одблизу.“
Идентичен беше нејзиниот одговор и на прашањето за коментар на иницијативата за интерпелација на петтемина членови на Судскиот совет кои се избрани во Собранието, со тоа што на крајот додаде дека во однос на процесот сакаат да видат дека се почитува законот.
„Тоа е исто така нешто што го следиме одблизу. Очигледно со години посочуваме на Судскиот совет и на други аспекти поврзани со судството. Има правен процес и, според моите сознанија, тој процес е во тек и го следиме одблизу и сакаме да видиме дека се почитува законот“,
рече Агелер која денеска присуствуваше на примопредавање на специјалното мобилно оперативно возило, донација од САД за Црвениот крст на Република Северна Македонија.
За потсетување, Министерството за правда на вчерашната владина седница доби задолжение од Владата да достави предлог за разрешување на јавниот обвинител Љупчо Коцевски, кој потоа ќе биде доставен до Советот на јавни обвинители, од каде што е потребно да се добие мислење во рок од 15 дена.
За одлуката на прес-конференција информираше владината портпаролка Марија Митева која кажа дека во мислењето доставено од Правда биле забележани неколку состојби за кои рече дека се спротивни на обврските кои произлегуваат од законските надлежности.
Во мислењето од Министерството, како што наведе таа, било нотирано дека институцијата со која раководи јавниот обвинител има нарушен углед, а „чувањето на угледот на институцијата е должност која потекнува од Законот за јавно обвинителство, конкретно од член 4 став 1“.
„Целокупната јавност во изминатиов период беше сведок на низа скандали, нарушена функционалност на Јавното обвинителство, незаконски постапувања и корупција, неефикасност и повреда на принципите и самостојноста во вршењето на функциите на обвинителите“,
рече Митева.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, чие разрешување се бара, пак, вчера, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека од она што досега го слушнал во јавноста нема никаква тешка дисциплинска повреда врз основа на која може да биде разрешен.
Сепак, вели дека ќе се произнесе по предлогот за негово разрешување откако Владата ќе го достави до Советот на јавните обвинители. Рече дека доколку се утврди дека се исполнети условите за негово разрешување согласно Законот за јавни обвинители, во тој случај и самиот ќе се повлече. Но, доколку не се утврди такво нешто, тогаш, како што кажа, јавноста нека цени ќе биде разрешен на законит начин или не.
„Одлуката ја оставам на политичарите. Јас строго сум работел и сè уште ќе работам согласно законот. Доколку се исполнети условите согласно Законот за јавно обвинителство стојам на тоа и нека ме разрешат, меѓутоа доколку не се исполнети условите согласно Законот за јавно обвинителство јавноста ќе цени дали ќе бидам разрешен на законит начин или не“,
изјави Коцевски.
Што се однесува до интерпелациите на петтемина членови на Судскиот совет, нив на 7 февруари ги поднесоа пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“и ЗНАМ, откако претходно кон крајот на минатата година, Собранието не го усвои извештајот за работата на Советот за 2023 година.
Станува збор за членовите Селим Адеми, Павлина Црвенковска, Весна Дамева, Миљазим Мустафа и Тања Чачарова-Илиевска.
Собранието ги испрати интерпелациите до членовите и сега се очекува нивен одговор. Седницата, според најавите, би требало да се одржи на крајот на овој месеци или на почетокот на март. Интерпелациите со сигурност ќе бидат изгласани, но тие нема да значат и разрешување на членовите на Советот по автоматизам. Дали ќе се повлечат или ќе останат на функциите, тие ќе треба сами да одлучат.
Премиерот Мицкоски, кој уште во предизборието најави „разрешување“ на Судскиот совет, а најавувајќи ги интерпелациите минатата недела рече дека почнува „ударот во чело“ на Советот, изјави дека Собранието не може да ги разреши, но оти очекува дека по интерпелациите тие самите да се повлечат.
