„Забележуваме дивеење на инфлацијата, раст на цените на основните трошоци за живот. Во исто време, одбиваат како било да интервенираат како влада, што е нивна директна одговорност, и на премиерот лично, за зголемување на платите“, вели таа

Очајно лош. Вака потпретседателката на опозицискиот СДСМ, Кристина Костова, го оценува досегашниот перформанс на Владата. Таа во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 рече дека владиниот перформанс во првите неколку месеци е досега невиден од осамостојувањето на Македонија.
„Забележуваме дивеење на инфлацијата, раст на цените на основните трошоци за живот. Во исто време одбиваат како било да интервенираат како Влада, што е нивна директна одговорност и на премиерот лично, за зголемување на платите. Напротив, прават економски манипулации и нарушувања во пресметките на реалните трошоци само за да добијат бројки што ќе бидат малку подобри од овие со кои располагаат. Сметките за струја што граѓаните ги плаќаат се зголемени за околу 30 отсто, парно овде во Скопје плаќате за околу пет отсто повисоки сметки, има пад на индустриското производство за 1,4 отсто, намален извоз за 5,9 отсто, странските инвестиции си одат, се затвораат погони. Нови се тие што беа отворени пред неколку години, па доаѓаат сега во Штип да отвораат погон во кој штипјани работат веќе една година. Смешно е. Само појдете во Штип да слушнете што зборуваат вработените во ‘Магна’. Смешни се тие настапи што ги имаат и обиди за преку нив да покажат некаква активност на полето на инвестиции. Смешно е и како го најавуваа унгарскиот кредит. Велат, најавуваме голема инвестиција. Па, од кога стана инвестиција подигањето кредит?“,
смета Костова.
Костова не се согласува дека ова не се рефлектира врз ставот на граѓаните за работењето на Владата, велејќи дека незадоволството се гледа постојано, колку и власта да се обидува да го сузбие преку методи што покажуваат автократски тенденции познати за ВМРО-ДПМНЕ.
„Сепак, забележуваме големо незадоволство. Кога ќе отидеме во супермаркет и кога ќе застанеме на каса со нашите сограѓани, коментираат и кажуваат дека вака повеќе не бива. Еве имаме уште еден податок за капиталните инвестиции. Во првите два месеца од оваа година реализацијата на капиталните инвестиции е само два проценти и тоа е значителен пад затоа што минатата година во истиот период биле 12 проценти. Исто така, кога збориме за перформансот на Владата, мораме да ги спомнеме и случаите со корупција, она назначување на несоодветни кадри – од директорот на АНБ, Бојан Христовски, па еве, неодамна Петар Богојески на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Меѓутоа, исто така, она за што ние зборуваме и алармираме речиси секој ден како СДСМ, а тоа е тендерската мрежа составена од форми што и во претходните три и пол години од локалните власти во Аеродром, Кисела Вода, Гази Баба земале и добивале тендери во милионски суми“,
вели Костова.
Таа додава дека сведочиме на комплетна блокада на евроинтегративниот процес и очајни резулати во здравството.
„Сето ова е заокружено со неумесните изјави дадени од Христијан Мицкоски, кој покажува такво изоставање на политичка култура, користи толку лош и, за премиер, несоодветен хумор, па дури и цинизам во неговите обраќања, навреди за граѓаните, а тоа укажува на недостаток на демократски вредности во постапувањето. Лидерските способности што ги изразува покажуваат загрижувачко ниво на потпросечност и државата оди во тотално погрешен правец само во изминатите девет месеци“,
вели Костова.