Претседателот Стево Пендаровски наредната недела ќе го посети Израел, каде што ќе учествува на Светскиот форум за холокаустот по повод 75-годишнината од ослободувањето на нацистичкиот логор на смртта во Аушвиц и во тој контекст ги повика политичарите во земјава да внимаваат на изјавите што може да бидат протолкувани како антисемитски.
„Неодамна, за жал, во нашиот јавен дискурс беа споделени изолирани коментари кои од припадниците на еврејската заедница беа протолкувани како антисемитски. Слободата на изразување е фундаментално човеково право, но притоа сите ние мораме да внимаваме на нејзините легитимни граници, кога нечиј коментар може да ги повреди чувствата на еден народ или религија преку влечење погрешни историски паралели. Пред нас е период на кампања и вжештена предизборна реторика. Од тие причини, повикувам на поголема внимателност и воздржаност, затоа што мојот народ, буквално, никогаш во историјата не бил поврзуван со антисемитски сентименти и ставови“,
рече Пендаровски во синоќашениот говор на приемот за претставниците на дипломатскиот кор кои се акредитирани во земјава.
Ваквата порака на претседателот доаѓа откако изминатиов период, по формирањето на техничката влада, во два случаи на социјалните мрежи, членка и симпатизерка на СДСМ беа обвинети за антисемитизам.
Првиот случај беше со хуманитарката Мерсиха Смаиловиќ, која од неодамна е и дел од партиската комисија на СДСМ за труд и социјална политика. Приказната за наводното ширење антисемитизам започна на Фејсбук, каде што Смаиловиќ ја коментираше „популарната“ фотографија на техничката министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи, на која додека дава интервју (прво како министерка), во заднина се гледа знамето на ВМРО-ДПМНЕ.
Во една од репликите на статусот на Смаиловиќ на Фејсбук беше направена паралела меѓу чинот на Мизрахи и поставувањето на албанското знаме во кабинетот на претседателот на Собранието Талат Џафери на што таа коментира:
„Тоа е знамето на албанската заедница во Македонија, а нејзиното е класично партиско. Да беше Давидова ѕвезда, никому ништо!!!”
напиша Смаиловиќ во фејсбук-преписка на својот профил.
Потоа, дел од медиумите и опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја обвинија дека шири нацистички пораки, иако Давидовата ѕвезда, освен што добила стигматизирачка конотација за време на Втората светска војна, е општо прифатен симбол кај Евреите и е елемент на државното знаме на Израел.
Вториот случај, за кој реакцијата стигна и од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се однесува на статус објавен од Видана Бошкова-Мицевска на Твитер, која напиша дека техничката министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи, која е Еврејка, „упаднала во фашистичка партија“. „Сигурно и кај нацистите во влада имало Евреи кои се бореле за плата и социјални права на Евреите“, напиша Бошкова-Мицевска. ВМРО-ДПМНЕ ја поврза со СДСМ и обвини за антисемитизам од владејачката партија.
„Згрозен сум од леснотијата со која се прават поделби, се шири говор на омраза кон државата Израел и еврејскиот народ, и навредите кон ВМРО-ДПМНЕ, зад кои стојат политички мотиви, се стимулирани од партијата на власт. И ова не е првпат, но овој пат е премногу. Фразата едно општество за сите ја претвораат во прогон кон неистомислениците. Нема работа која самите не си ја негираа, нема работа која самите не ја погазија. Јас ја разбирам нервозата присутна во СДСМ, дури можам да го разберам и стравот од пораз, но не можам да ја разберам омразата со која се служат и удираат ниско по оние што не мислат исто како нив“,
напиша Мицкоски.