Претседателот Стево Пендаровски вели дека прогрес кон родовата еднаквост постои, но за жал, се одвива со бавно темпо.
Тој вчеравечер се обрати на отворањето на 11. издание на настанот „Вечери на женски права“ кое годинава се одржува од 6 до 12 март во знакот на годинешната тема за одбележување на Меѓународниот ден на жената – 8. март: „Јас сум Генерација Еднаквост – остварување на женските права за еднаква иднина!“.
Пендаровски истакна дека родовата еднаквост е важна заложба во неговиот мандат со што сака да го даде својот придонес за унапредување на родовата еднаквост и родовите политики во земјата.
Со позитивните промени и со стратешкиот фокус на родовите политики во периодот кој следи, смета претседателот Пендаровски, можеме како општество да направиме значаен исчекор во подобрување на родовата еднаквост во секоја сфера.
Укажувајќи дека родовата еднаквост е важна заложба во неговиот мандат, со што сака да даде придонес за унапредување на родовата еднаквост и родовите политики во земјата, истакна дека во рамки на неговите надлежности како врховен командант, првпат во нашата историја поставил и жена за аѓутант.
„Настојувам да има родов баланс и на пониските и на повисоките позиции во мојот кабинет, а ангажирав и советничка за родови прашања“,
рече претседателот.
Тој верува дека со позитивните промени и со стратешкиот фокус на родовите политики во периодот кој следи можеме како општество да направиме значаен исчекор во подобрување на родовата еднаквост во секоја сфера.
Оваа година одбележувањето на Меѓународниот ден на жената е во знакот на неколку значајни јубилеи поврзани со глобалните заложби за унапредување на родовата еднаквост и женските права. Одбележуваме 25 години од Пекиншката декларација и Платформа за акција, 20 години од усвојувањето на Резолуцијата 1325 за жените, мирот и безбедноста, 10 години на UN Women (Телото на Обединетите Нации за родова еднаквост и зајакнување на жените), како и пет години од Агендата 2030 и целите за одржлив развој на Обединетите нации.
Токму сега, наведе претседателот, е периодот кога ние како држава, и останатите земји на светско ниво, го оценуваме напредокот во исполнувањето на зацртаните глобални цели и преземените обврски за постигнување на родова еднаквост на национално и глобално ниво.
„Прогресот постои, но за жал, се одвива со бавно темпо, а неретко сме сведоци и на назадувања во поглед на родовата еднаквост, како и ограничувања во однос на веќе стекнатите права на жените“,
оцени Пендаровски.