Нашите европски интеграции се една од клучните точки на дискусија, имајќи ја предвид и силната полска поддршка што ја имавме за отпочнувањето на пристапните преговори со ЕУ, напиша македонскиот претседател на неговиот фејсбук-профил

Посета на Полска како потврда за зајакнатиот политички дијалог меѓу Северна Македонија и Полска. Разговори со претседателот Анджеј Дуда за актуелните безбедносни прашања, енергетската и економската криза, предизвици со кои заеднички се соочуваме во Европа, напиша претседателот на државата Стево Пендаровски на неговиот фејсбук-профил.
„Нашите европски интеграции се една од клучните точки на дискусија, имајќи ја предвид и силната полска поддршка што ја имавме за отпочнувањето на пристапните преговори со ЕУ“,
објави шефот на државата Пендаровски.
Претседателот Стево Пендаровски денеска во Варшава со државни и воени почести беше пречекан од претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда, со што започна неговата дводневна официјална посета на Република Полска.
Претседателот Пендаровски оствари тет-а-тет средба со претседателот Дуда, на која беа потврдени искрените пријателски односи и плодниот политички дијалог меѓу двете држави. Теми на средбата беа македонските европски интеграции, партнерството во НАТО, војната во Украина и последиците од неа, како и глобалната економска и енергетска криза.
Во рамки на официјалната посета е предвидено претседателот Дуда да го одликува претседателот Пендаровски со највисокото полско одликување, Орден на Белиот Орел, додека претседателот Пендаровски ќе го одликува претседателот Дуда со Орден „8 Септември“.
Претседателот Пендаровски ќе оствари средба и со премиерот на Република Полска, Матеуж Моравјецки, а заедно со претседателот Дуда попладне ќе присуствува и ќе се обрати на средба со претставници на полските комори и бизниси и македонски претставници од бизнис секторот.