Претседателот изјави дека предложувањето министри, а притоа не поддржувајќи ја владата во која тие би биле дел, е политички преседан во пошироки рамки, но признава дека ваков правен и политички преседан бил направен и при изборот на техничката влада во 2016 година кога опозиција беше СДСМ, а кога нејзините пратеници не ја гласаа тогашната преодна влада на чело со Емил Димитриев
Претседателот Стево Пендаровски вечерва во интервју за ТВ Алсат, коментирајќи ги ставовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во врска со техничката влада, рече дека не може да се спори предлогот за премиер кој согласно Законот за Владата го дава парламентарното мнозинство. Според него, опозицијата не може да го спори Талат Џафери, кој е номиниран за технички премиер, како поединец или како личност.

„Видете, вие или се согласувате на техничка влада или не се согласувате. Може да кажете ‘не сакаме да даваме воопшто луѓе’, но не може да го спорите предлогот кој според законот за оваа влада го дава парламентарното мнозинство. Ако тие предложат да биде Талат Џафери нивно е само да кажат – учествуваме или не. Не може да го спорат како поединец или како личност. Не гледам спор. Влегуваш или не влегуваш во техничката влада. Нема сега ти понатаму да кажуваш дали ќе биде Талат или ќе биде Стево. Него го предлага мнозинството како што предвидува законот и готово“,
вели Пендаровски.
Претседателот изјави дека предложувањето министри, а притоа не поддржувајќи ја владата во која тие би биле дел, е политички преседан во пошироки рамки, но признава дека ваков правен и политички преседан бил направен и при изборот на техничката влада во 2016 година кога опозиција беше СДСМ, а кога нејзините пратеници не ја гласаа тогашната преодна влада на чело со Емил Димитриев.
„За жал постои таков политички и правен преседан. Тогаш кога е направен тој преседан СДСМ како опозиција даде имиња, но не учествуваше во гласањето, но даде имиња за тие неколку позиции и беше дел од владата. Сега би било многу полошо од оваа прва варијанта која ја зборувам, која може некако технички и правно да се извлече, би било многу лошо ако ВМРО-ДПМНЕ не даде воопшто имиња бидејќи не може да има празни места“,
додаде Пендаровски.
Претседателот изрази надеж дека и власта и опозицијата нема да ја компликуваат работата до изборот на техничката влада кој треба да се случи на 28 јануари, на сто дена пред парламентарните избори.
„Знаете како, одиме кон избори и сега секој се обидува да се позиционира таму каде што мисли дека треба да биде, но по мое убедување, треба поприлично мазно без многу проблеми од една друга или трета страна да ја избереме таа влада затоа што таа влада мора да почне да функционира на 28 јануари“,
вели шефот на државата.
Претходно вечерва, од ВМРО-ДПМНЕ потврдија дека утревечер официјално ќе бидат соопштени имињата на кандидатите кои оваа партија ќе ги номинира во техничката влада. Сепак, од опозициската партија засега остануваат на ставот дека нема да учествуваат во гласањето на техничката влада, оспорувајќи ја номинацијата на актуелниот собраниски спикер Талат Џафери за иден технички премиер.