Со вакви постапки, велат од кабинетот на Пендаровски, дополнително се намалува кредибилитетот, не само на Судскиот совет, туку и довербата на граѓаните во правосудниот систем
Сцените кои се случуваа на вчерашната седница на Судскиот совет, чиј епилог по неколкучасовни тензии и караници беше разрешување на претседателката на Советот, Весна Дамева, не му доликуваат на тело кое има многу одговорна улога, се вели во ставот од претседателот на државата, Стево Пендаровски.

„Ставот на претседателот Пендаровски е дека се случуваа сцени кои не му доликуваат на телото кое има многу одговорна улога, со оглед на надлежностите кои ги има во изборот и разрешување на судии и оценување на работата на судиите, грижата за угледот на судството како клучен фактор за довербата на граѓаните кон судството“,
се наведува во соопштението од кабинетот на претседателот на државата.
Со вакви постапки, велат од кабинетот на Пендаровски, дополнително се намалува кредибилитетот, не само на Судскиот совет, туку и довербата на граѓаните во правосудниот систем.
Од кабинетот на претседателот одговараат и на прашањата од медиумите во врска со изборите на Весна Дамева и Селим Адеми за членови на Судскиот совет.
„Во однос на прашањата за изборите на Весна Дамева и Селим Адеми како членови на Судскиот совет, информираме дека согласно уставните надлежности на претседателот и по извршени консултации, ја има предложено Весна Дамева до Собранието за член на Судскиот совет на Република Северна Македонија, во 2019 година како предлог кој доаѓа од редот на истакнати правници. Селим Адеми е избран за член на Судскиот совет по предлог на Собранието на Република Северна Македонија“,
се наведува соопштението од Пендаровски.
Тензиите на вчерашната седница кулминираа кога Адеми како заменик-претседател на Судскиот совет го стави на гласање предлогот за разрешување на Дамева од функцијата претседател.
Покрај Адеми, „за“ разрешување гласаа и Миљазим Мустафа, Ханиф Зендели, Мирсад Суроји, Сашко Георгиевски, Лорета Георгиева и Павлина Црвенковска.
По гласањето, Адеми констатираше дека актуелната претседателка е разрешена и веќе не може да раководи со седницата, па ја закажа денешната за избор на нов претседател.
Сепак, по два часа пролонгирање, на почетокот на седницата, членовите на Судскиот совет денеска не избраа нов претседател. Седницата се одложи за 2 мај, а, како што рече заменик-претседателот Селим Адеми, причината е што кога се прави избор на претседател, пожелно е сите 13 члена со право на глас да бидат присутни. Денеска, а и вчера, отсутна беше Мирјана Радевска-Стефкова.
Предлогот на Адеми да се одложи денешната седница помина со вкупно осум гласа „за“. Го поддржаа тој и уште шест членови што вчера гласаа за разрешување на Дамева: Миљазим Мустафа, Ханиф Зендели, Мирсад Суроји, Сашко Георгиевски, Лорета Георгиева и Павлина Црвенковска. Осмиот глас за одложување го даде судијката Мери Радевска, која вчера гласаше против разрешувањето. Таа својот глас за одложување на седницата го образложи со тоа дека нема услови да се одржи седница со оглед на тоа како вчера била разрешена Дамева.
Инаку, вчерашното разрешување на Дамева предизвика бурни реакции кај дел од стручната јавност, кои одеа во насока на тоа како Адеми, во присуство на претседателката на Советот, можеше да го преземе раководењето со седницата и како се стави на дневен ред точка за нејзино разрешување. Дополнително, клучен момент што се оспорува е и начинот на кој беше разрешена претседателката, бидејќи ниту во Законот за Судски совет ниту во Деловникот за работа има предвидено процедура за разрешување на претседател.