Довербата, вели претседателот, е неопходна за поуспешно да се справиме со заедничките предизвици и да градиме праведно општество со еднакви можности за сите
Чествувајќи го 22 Ноември – Денот на албанската азбука, ја потврдуваме посветеноста кон негувањето на соживотот во македонското мултиетничко и мултијазично општество, порачува претседателот Стево Пендаровски во неговата честитка.
„Соживотот е плод на довербата која, пак, фаќа корен тогаш кога луѓето го почитуваат и поддржуваат идентитетот на другиот. Ваквата доверба е неопходна за поуспешно да се справуваме со нашите заеднички предизвици и да градиме праведно општество со еднакви можности за сите македонски граѓани“,
пишува Пендаровски.
На овој празник, вели претседателот, се потсетуваме на еден од најважните моменти од развојот на албанскиот јазик и култура.
„Свесни дека, според зборовите на Ѓерѓ Фишта, се собрани за да ја изберат азбуката, којашто ќе биде најполезна за образовно и културно издигнување на народот, делегатите на Битолскиот конгрес во 1908 година донеле историски одлуки за унифицирање на албанската азбука. Со тоа, тие го отворија патот за натамошен образовен и културен развој на албанскиот народ и го отклучија творечкиот потенцијал на генерации автори кои ќе создаваат вредни книжевни дела“,
наведува Пендаровски.