Во вечерашното телевизиско гостување, претседателот зборуваше и за други актуелни теми, меѓу кои и уставните измени за кои не е оптимист дека ќе се постигне договор меѓу партиите. За односите со Бугарија, пак, рече дека изминатите години имало серија провокации од бугарска страна со аргументи за блокада какви што немало во историјата на ЕУ. Со бугарскиот претседател Радев рече дека последните две години немал ниту еден конструктивен разговор

Претседателот Стево Пендаровски сè уште не одлучил дали на следните избори кои треба да се одржат во март-април следната година ќе се кандидира за втор мандат.
Во вечерашното гостување во Дневникот на Сител ТВ тој рече дека најважно му е дали ќе ја има поддршката од граѓаните за уште пет години како шеф на државата.
„Не знам. Кога ќе дојде време веројатно ќе се изјаснам. Јас сум рекол – важна ми е поддршката од коалицијата која во 2014 г. ми ја даде таа поддршка, не само од 2019, но далеку поважна ми е поддршката од граѓаните. Ако ја немам, нема да размислувам, но ако ја имам, можам да размислувам заедно со политичките субјекти кои би сакале во тој период да ме поддржат“,
рече Пендаровски.
Тој не се изјасни ниту дали претседателските или парламентарните избори следната година треба да се одржат заедно бидејќи, според него, одговор на тоа прашање може да се смета дека тој има некаков личен интерес од тоа.
„Јас сум актуелен претседател и ќе речат дека имам некаков личен влог или личен интерес во тоа, а немам. И затоа преферирам да не ви одговорам на прашањето“,
рече претседателот.
Според Уставот и законските рокови, тој посочи дека двата изборни процеси не се врзани. Претседателските избори, како што потенцираше, би требало да се одржат догодина во април, бидејќи на 12 мај завршува мандатот на претседателот.
Не е оптимист дека ќе се постигне договор за уставни измени
Во гостувањето тој зборуваше и за други актуелни прашања, меѓу кои и уставните измени за вметнување на Бугарите во Преамбулата кои рече дека ги поддржува, но и оти не е оптимист дека ќе се постигне договор меѓу политичките партии.
„Ако кажам дека сум песимист, а сум, бидејќи тоа една година го зборувам во континуитет, пак некој ќе ми замери од Владата и ќе рече дека треба да правам атмосфера во која ќе напредуваме. Многу внимателно ги слушам сите политичари во Македонија што зборуваат јавно на таа тема. Кој е тој што ќе рече дека тука има некаков простор во кој можеме да се договориме. Јас не го гледам тој простор. Јас сум за уставни промени, не утре, туку денес, но како со сила да ги натераме тие луѓе да гласаат“,
рече Пендаровски.
Опозициските партии, пред сè, ВМРО-ДПМНЕ ги обвини дека тераат партиска, а не државна политика. Според него, сакаат да дојдат на власт, а потоа да размислуваат за две третини и тоа, вели, е легитимно од аспект на политичка партија, но од аспект на државата е лошо.
Тој посочи и оти нема да свика лидерска средба бидејќи нема согласност од сите страни.
„Опозицијата вели немаме намера да учествуваме за тоа Бугарите да ги ставиме во Уставот. А другата страна, Владата вели немаме намера да одиме на лидерска средба ако зборуваме за комплетно прифаќање на хрватскиот модел, кој ние го надминавме и на уставно-правно ниво со 2001 и Охридскиот рамковен договор“,
рече Пендаровски.
„Две години не сум имал конструктивен разговор со Радев“
Тој зборуваше и за односите со Бугарија и конкретно за неговите контакти со бугарскиот претседател Румен Радев за кој рече дека во изминатите две години немале ниту еден конструктивен разговор бидејќи не постои клима на добрососедство.
„За танго треба двајца. Објективно, изминативе две години Бугарија имаше серија на провокации кон нас и излезе со аргументи за наша блокада кон ЕУ каква што немало во историјата на ЕУ. Ниту една држава не блокирала друга држава со тоа што викала ‘Вие не сте тоа што мислите дека сте’. Да зборувате за идентитетска политика и да викате дека јас не сум Македонец и дека само ако ги сменам сите учебници ќе можам да напредувам кон Европа… Ние може да глумиме средби, но последниве две години практично немам ниту еден конструктивен разговор со Радев“,
изјави Пендаровски.