Претседателот зборуваше и за прашањето за вметнување на Бугарите во Уставот на Северна Македонија при што порача дека ова е едно од ретките прашања за кои постои волја и кај власта и кај опозицијата, но тука прашањата се други односно која е гаранцијата дека некоја друга бугарска влада нема да бара повторно уставни промени. Затоа, според него, решение може да биде формулата употребена во Преспанскиот договор
Има потврдени историски факти дека Ванчо Михајлов бил соработник на Хитлер, а тврдењето дека на територијата на Македонија имало логори во кои наводно се убиени 10 000 луѓе е лага и гола конструкција за политички цели.
Со ваков одогвор денеска излезе шефот на државата, Стево Пендаровски, во врска со изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев дека конроверзниот историски лик со чие име во Битола беше отворен клуб не е фашист, како и дека за време на Втората светска војна во Македонија всушност постоел фашизам бидејќи имало логори во кои биле убивани Бугари.
„Постојат потврдени историски факти и извори кои не ги спори ниту бугарската историографија дека Ванчо Михајлов бил соработник на Хитлер. Во 1944 година, по негова директна инструкција, доаѓа во Скопје во обид да воспостави независна македонска држава. Откако не добива поддршка од локалното население, рапортира назад до неговиот шеф во Берлин дека тоа не е возможно и само тоа е доволно да го прави фашист или нацист. Во однос на квалификациите дали нацистите морале да убиваат луѓе за да бидат нацисти, не морале. Ако си следбеник на таа идеологија, ти си нацист. Ако ја користиш, како во неговиот случај, за остварување сопствени политички цели, пак си нацист. Во спротивно, би зборувале за воен злосторник, за убиец итн. Не велиме дека бил тоа, но неспорно бил следбеник и корисник на услугите на фашистичкиот режим во Берлин во тоа време“,
порача Пендаровски.
Понатаму, во одговорот на новинарско прашање, претседателот се осврна и на тврдењата на Радев дека тука биле убивани Бугари.
„Не постои ниту еден релевантен историски извор кој ќе потврди дека 10 000 луѓе биле убиени во логори во Македонија во тоа време. Ниту еден извор, ни во бугарската, ни во македонската ни во светската историографија. Нешто што може да влезе во дефиницијата на концлогари во времето на поранешна Југославија постои само на Голи оток, денешна Хрватска. На територијата на Македонија никогаш немало концлогори, ниту тогаш ниту денес. Бројката од 10 000 наводно убиени е лага. Практично гола конструкција за политички цели“,
кажа Пендаровски.
Шефот на државата уште еднаш порача дека ако во овој спор со Бугарија се концентрираме на решавање на историските контроверзии никогаш нема да се договориме. Брз напредок, рече тој, може да постигнеме ако се концентрираме на она што се реални критериуми за влез во ЕУ: владеење на правото, борба против корупцијата, човековите слободи и права.
„Ако зборуваме дали во 11 век Самуил бил Македонец, Бугарин, Ерменец итн., никогаш нема да се усогласиме. Историјата на историчарите, а актуелните проблеми денес. Јас и сите ние, и колегата Радев не сме бирани за да решаваме кој каква националност бил во време на Самуиловото царство. Ние сме избрани од граѓаните на нашите земји да ги решаваме овие проблеми сега: стандард на живеење, инвестиции, подобар и посреќен живот“,
рече Пендаровски.
Претседателот зборуваше и за прашањето за вметнување на Бугарите во Уставот на Северна Македонија при што порача дека ова е едно од ретките прашања за кои постои волја и кај власта и кај опозицијата, но тука прашањата се други.
„Меѓутоа, прашањето е за тајмингот и која е гаранцијата дека потоа нема некоја идна бугарска влада да бара повторно промена на Устав или други политички барања. Затоа мислам дека еден од начин на кои може да се пријде кон ова прашање со намера да се реши е преспанската формула“,
рече Пендаровски.