Во случај на поголем прилив на бегалци и мигранти, Пендаровски најави дека ќе се бара меѓународна помош
Полицијата и Армијата ги зголеми безбедносните капацитети на јужната граница и сите надлежни органи будно ја следат состојбата со најавениот миграциски бран, изјави претседателот на државата Стево Пендаровски при денешната посета на границата со Грција.
Пендаровски вели дека до овој момент нема никакво зголемување на бројката на илегални мигранти и дека главниот притисок е на грчко-турската граница, која денеска ќе ја посетат високи претставници на ЕУ.
„Ако можевме со највисоки оценки да го завршиме менаџментот на кризата во 2015 и 2016 година со тој транзит од над 1 милион и триста илјади луѓе преку нашата територија, сега не дај Боже да дојде таква ситуација, меѓутоа ние сме подготвени и, повторувам, тоа не можеме да го направиме сами, освен со одлична соработка со партнерските држави во рамки НАТО-алијансата и, се разбира, со нашиот сосед Грција, бидејќи кога би дошол прилив на бегалци, би дошол по таа балканска рута, значи Турција, Грција и понатаму кон северот“,
изјави Пендаровски.

Пендаровски очекува поголемите држави да најдат решение за спорот меѓу ЕУ и Турција околу договорот за мигрантите, кој Анкара одби да го почитува обвинувајќи ја Унијата дека не ги исполнила своите обврски и не ја исплатила ветената финансиска помош.
„Јасно е дека прашањето е со такви пропорции, како и во 2015 и 2016. Една држава, која и да е, особено мала држава и особено држава која не е членка на Европската Унија, не може самата да го реши. Значи, ќе очекуваме поголемите, помоќните држави да го решат, бидејќи проблемите што се најавуваат на грчко-турската граница се во врска со имплементација на договорот меѓу Европската Унија и Турција, потпишан пред две години, околу финансиската контрибуција на Европската Унија за камповите со бегалци кои ги имаат Турците на своја територија“, изјави Пендаровски.
Во случај на поголем прилив на бегалци и мигранти, Пендаровски најави дека ќе се бара меѓународна помош.