Претеседателот вели дека во Брисел позитивно се гледа на истрагата за Рашковски, затоа што тоа е примено како сигнал дека политиката ги трга рацете од правосудството и дека оваа влада во виталните области не се однесува како владата на Груевски
Позицијата на Бугарија од декември, кога беше оневозможено одржувањето на првата меѓувладина конференција на С Македонија со ЕУ за почеток на преговорите, не е одржлива на долги патеки, според претседателот Стево Пенадровски.
„Оваа позиција на Бугарија од декември, според мое мислење, не може да издржи на долг рок. Тоа е мојата проценка“,
изјави Пендаровски во вечерашното гостување на Канал 5, посочувајќи дека треба да се разграничи дали за членство во ЕУ се преговара за политички или за историски критериуми.
Во однос на можноста, Албанија да биде одвоена од С Македонија на патот кон ЕУ, поради блокадата од Бугарија, Пендаровски посочи дека за тоа не го прашале во Брисел, ама дека неговото размислување е дека ние немаме морално право бараме да се блокира Албанија, доколку ги исполнува критериумите.
„Ние немаме морално право да кажеме блокирајте ја Албанија, за ние да го решиме спорот, секако под услов Албанија да ги има исполнето сите барања. Впрочем, имавме таков случај. Во 2003 година, ние ја инициравме тричлената Јадранска група за членство во НАТО. Во 2008 година, Албанија и Хрватска ги примија во НАТО, а нас не оставија надвор“,
потсети претседателот.
Пендаровски рече дека се враќа од Брисел со порака дека треба да се зајакне борбата против корупцијата и оцени дека 111 место на листата на „Транспаренси“ е лоша позиција. Сепак, вели дека во овој сегмент има и работи што Брисел ги поздравува.
„Забележуваат дека се бара одговорност и од луѓе од структурите на власт. Конкретно, за случајот со Рашковски, јас почитувам пресумпција на невиност, меѓутоа тоа е добро примено затоа што станува збор за високопозициониран функционер во Владата за кој има индиции дека постапувал незаконски. Тоа е примено како сигнал дека политиката ги трга рацете од правосудството. Дека оваа Владат во виталните сегменти не се однесува како владата на Груевски“,
рече Пендаровски.
На прашање со што се вратил од Брисел, бидејќи српскиот претседател се врати со грант за брза пруга, Пендаровски рече дека не може да излезе на мегдан со Александар Вучиќ, бидејќи тој, како што оцени, е подобар во сите дисциплини, од вакцини до пруги.
„На секој балкански претседател му излегувам на мегдан, со Александар Вучиќ не можам. Во таа дисциплина во која тој се натпреварува јас објективно нема што да барам, не можам со него да се споредам“,
рече Пендаровски.
Подоцна тој најави дека на 10 и на 11 мај во Брисел ќе престојува премиерот Зоран Заев и дека ќе има средба со претседателката на Европската комисија Урсула фон де Лајен, како што рече, меѓу другото, и за пругата.