Според изјавата на Пендаровски, на средбите тој разговарал и за реформите во земјава, а очекувањата од Брисел е да се задржи и по можност да се засили реформското темпо. Тој вели дека ги кажал отворените случаи и против актуелни функционери, но од ЕУ побарале таа борба да се удвои
Најголем дел од разговорите кои ги имал претседателот Стево Пендаровски на неговата турнеа во Брисел биле за проблемот со Бугарија и продолжување на патот кон ЕУ. Во видео изјава по средбата со претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, Пендаровски уште еднаш порачува дека Северна Македонија е подготвена да седне на маса, но во овој момент неопходно е да се идентификува соговорникот од бугарската страна со оглед на тамошната политичка ситуација.
„Проблемот е во тоа што, тоа сите го лоциравме, е тоа што изборите во Бугарија завршија меѓутоа без јасен победник и според последните информации сосема е можно Бугарите да одат на нови предвремени парламентарни избори, веројатно во јуни месец и ако е тоа случај во следниве шеесетмина денови би имале само т.н. техничка или службена Влада која нема да има големи овластувања. Значи нема да има јасен политички легитимитет да навлегува во овие прашања особено“,
вели Пендаровски.
Тој им нагласил на челниците во ЕУ дека има целосна координација меѓу највисоките владини претставници и неговиот кабинет, но и дека очекува црвените линии кои се исцртани воопшто да не бидат на преговарачка маса.
„Во овој момент е неопходно како предуслов да започнат тие разговори повторно да се идентификува соговорникот од бугарска страна и тоа, се разбира, не зависи воопшто од нас, зависи само од Република Бугарија – како тие ќе решат да направат и кого ќе предложат, поединец, Влада, институција итн.“,
вели претседателот.
ЕУ сака да има напредок до крајот на годината во пристапните процеси
Според него, значајно е тоа што на 10 мај ЕУ има закажано стратешка сесија за иднината на Западен Балкан односно за неговите односи со Унијата, за која цел Брисел изготвил и стратешки документ. Тој документ, нагласува Пендаровски, зборува дека е неопходно да се засилат активностите и врските со Западен Балкан со оглед на тоа во која фаза од евроинтеграциите се наоѓаат балканските земји.
„За жал, во регионот две држави преговараат, меѓутоа тој процес не е ни близу до своето завршување. Две држави чекаат да почнат преговори и тоа се одолговлекува во неколку наврати, прво ја чекавме новата методологија, таа беше усвоена, подоцна излегоа некои други проблеми. А, две држави од шесте воопшто не се споменуваат како држави кои имаат можност да започнат наскоро преговори од познати причини. ЕУ тоа сака да го промени по можност до крајот на годината, можеме само да ги поздравиме нивните напори бидејќи е јасно дека Западниот Балкан предолго време е во оваа транзиција кон Европската Унија без некои сигнификантни чекори напред“,
изјави претседателот.
Брисел бара да се удвојат напорите во борбата против високата корупција
Според изјавата на Пендаровски, на средбите тој разговарал и за реформите во земјава, а очекувањата од Брисел е да се задржи и по можност да се засили реформското темпо.
Тој вели дека ги кажал отворените случаи и против актуелни функционери, но од ЕУ побарале таа борба да се удвои.
„Јас известив за најновите случувања во таа смисла, за процесуирањето на неколку т.н. високи случаи на корупција, дури и на функционери од сегашната политичка постава, структура на власт, што беше поздравено, бидејќи се случува практично за прв пат во историјата на нашата држава, меѓутоа тие побараа да се удвојат напорите во борбата против случаите на висока корупција и апсолутно е јасно дека тоа ни е забелешка која ни ја кажуваат со години наназад и дека немаме уште многу време за да можеме, досието наше, реформско и проевропско во таа смисла да го надополниме“,
вели Пендаровски.
Претседателот се заблагодарил и за донацијата на вакцини од европскиот солидарен фонд, кој веќе од следната недела ќе почне да ги испорачува вакцините од „Фајзер“, а за нашата земја ќе бидат наменети 119 000 дози.
Покрај со Мишел, Пендаровски денеска имаше средби и со: претседателот на Европскиот Парламент, Давид Сасоли; потпретседателот на ЕК и висок претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, Жозеп Борел; комесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји; специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и за други регионални прашања на Западен Балкан, Мирослав Лајчак; и европратеникот и известител за Република Северна Македонија, Илхан Кјучук.
Утре, пак, тој ќе се сретне и со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.