Во интервју за Канал 5, претседателот на државата рече дека во ова заедничко делување САД се водечки партнер, бидејќи ЕУ е хетерогена заедница каде е потребен консензус
Според Пендаровски влезот на целиот Западен Балкан, не само на Северна Македонија е геостратешки проект
Ниеден проблем на Балканот не е решен никогаш, ниту во иднина ќе биде решен ако не настапуваат синхронизирано ЕУ и САД, најчесто САД како водечки партнер, бидејќи ЕУ е хетерогена организација со многу држави – членки внатре, вели претседателот на државата Стево Пендаровски, во интервју за Канал 5, одговарајќи на прашањето што може да се очекува од новата администрација на Џозеф Бајден.
Тој оценува дека Бајден како претседател е добар за регионот, бидејќи неговиот тим за надворешна политика има искуство во овој дел.
„САД се голема држава и мора да напоемне дека имаат две нивоа на надворешна политика – глобална и по региони. Искрено, ако ја анализирате во изминативе 4 години, американската надворешна политика за Западен Балкан не отстапува од онаа во годините на Барак Обама. Лошото беше што администрацијата на Трамп се оддалечи од европските партнери, сојузници, а ниеден проблем на Балканот не е решен никогаш, ниту во иднина ќе биде решен ако не настапуваат синхронизирано ЕУ и САД, најчесто САД како водечки партнер, бидејќи ЕУ е хетерогена организација со многу држави – членки внатре“,
рече Пендаровски.
Притоа Пендаровски напоменува дека ова не го говори во контекст на несогласувањата со Бугарија, дека, еве досега била Германија, а утре од Америка ќе бараме да ги притиска нив.
„Мора да се разбере дека приклучувањето на целиот Западен Балкан не само С Македонија кон ЕУ е и меѓународен геостратешки проект“,
вели Пендаровски за Канал 5.