Претседателот Стево Пендаровски ја повика Владата да се најде законско решение со кое ќе се регулира прашањето преку намалување на бодовите
Во одлуката од Уставен суд се нагласува дека при донесување на одлуката се воделе и од образложението кое го дале државните ревизори во Извештајот на ДЗР, кое е цитирано и во образложението на Одлука на Уставен суд
Невкусно е во време на економска криза да се покачуваат платите кои се исплаќаат од државниот буџет, смета претседателот Стево Пендаровски.
Тој во изјава за МИА ја повика Владата да се најде законско решение со кое ќе се регулира прашањето преку намалување на бодовите.
Реакцијата на Пендаровски е во врска со одлуката на Уставниот суд со која се укинуваат одредби од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија.
Уставниот суд на седница на 21 март годинава, донел одлука да ги укине член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија и член 1 од Законот за изменување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија.
Во одлуката од Уставниот суд се наведува дека со првата укината одредба е утврдено дека основицата за пресметување на плата на избраните и именуваните лица се применува од јануари 2012 година и е во износ од 25 726 денари, додека со втората укината одредба е предвидено дека платите на избраните лица во 2014 година може да се зголемат за четири отсто започнувајќи со исплатата на платите во 2014 година.
„Уставниот суд смета дека во случајот, постои двојство во уредувањето на прашањето за основицата на платата на избраните и именуваните лица, што претставува неконзистентност во законското уредување на оваа материја. Судот утврди дека истовремено постојат две норми, односно две правни правила за утврдување на основицата на платата oпфатени во еден ист закон, односно едното е член 11 од Законот, според кое основицата се определува според просечната плата остварена во претходната година што ја утврдува Државниот завод за статистика, а второто правило е оспорената одредба од член 4 во кој основицата е утврдена во фиксен износ од 25 726 и која со усогласувањето од четири отсто (предвидено со второспорената одредба) изнесува 26 755 денари што е всушност основица која е моментално во сила односно примена“,
се додава во соопштението од Уставен суд.
Во одлуката од Уставен суд се нагласува дека при донесување на одлуката се воделе и од образложението кое го дале државните ревизори во Извештајот на ДЗР, кое е цитирано и во образложението на Одлука на Уставен суд.
„Неоспорувајќи ја состојбата во која се издава ревизорскиот извештај, во насока на законско доделување на платите на избраните и именуваните лица, истакнуваме дека основицата согласно член 11 од законот е просечната исплатена месечна плата по вработен во Републиката за претходната година, која за 2021 година изнесува 29 943 денари, при што укажуваме на потребата од доследна примена на член 11 од наведениот закон и усогласување на основицата за пресметување на платите со податоците за исплатена месечна плата на Државниот завод за статистика, по претходно донесување на измени на наведениот закон“,
се додава во одлуката.
Во однос на одлуката на Уставниот суд, денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, рече дека одлуките на Уставниот суд не може да не се почитуваат.
„Слушнав дека Уставниот суд има донесено одлука за укинување на одредена мерка и не може да не почитуваме нивна одлука. Јас сум еден од оние што секогаш се залага дека владеење на правото е неприкосновено и така треба да биде. Ако има друга одлука со која треба таму да се интервенира јас сум еден од првите кои ќе ја поддржи“,
рече Битиќи.
Дека ќе има покачување на платата на функционерите, денеска на својот фејсбук-профил потврди градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски. Тој во својот статус наведува дека сите носители на јавни функции ќе добијат зголемување на платите, а тој разликата ќе ја донира во хуманитарни цели, на семејствата со ниски месечни примања и за семејствата на уставобранителите.