По сесијата, шефот на државата треба да оствари и средба со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш
Претседателот Стево Пендаровски, кој престојува во Њујорк, денеска ќе се обрати генералната дебата на 76. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН), најавија од неговиот кабинет.
Темата на дебата е „Градење отпорност преку надеж – закрепнување од ковид-19, одржливо обновување, одговор на потребите на планетата, почитување на правата на луѓето и ревитализација на Обединетите нации“.
Сесијата на која ќе се обрати шефот на државата е предвидено да трае од 15 до 20:45 часот по средноевропско време. Потоа, според најавите, Пендаровски ќе има и средба со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
Претседателот вчера имаше обраќање и на Глобалниот самит за борба против ковид-19 што го организираше американскиот претседателот Џо Бајден. Во тоа обраќање, шефот на државата изрази уверување дека до крајот на годинава во земјава ќе се вакцинира 70 отсто од населението, меѓутоа порача дека за да се достигне висока стапка на вакцинација на глобално ниво мора да има правична распределба на ефикасни вакцини. Во исто време, рече Пендаровски, треба да се бориме со деструктивните ефекти од лажните вести и кампањите за дезинформација со ширење на вистина и транспарентност.