Терминот и целта на посетата, како и темите на разговор, засега не се познати
Претседателот на државата Стево Пендаровски ќе се сретне со претставници на ОМО „Илинден Пирин“ – Бугарија, на нивно барање.
Терминот и целта на посетата, како и темите на разговор, засега не се познати.
Барањето е испратено до претседателот и позитивно е одговорено, потврдија од кабинетот на Пендаровски, посочувајќи дека се уште не утврден точен датум кога ќе се реализира оваа средба.
„Барањето е добиено и претседателот Пендаровски ќе ги прими претставници на ОМО ’Илинден’. За точниот датум ќе информираме дополнително“,
изјавиле за МИА од кабинетот на претседателот Пендаровски.
ОМО „Илинден Пирин“ е една од организациите и здруженијата на македонското малцинство во Бугарија, која има добиено 11 од вкупно 16 пресуди пред Европскиот суд за човекови слободи и права од Стразбур за кршење на правото на слободно здружување на Македонците во Бугарија.
Во однос на неспроведувањето на 16-те пресуди за Бугарија за прекршување на човековите права и правото на здружување на македонското малцинство, претседателот на Европскиот суд за човекови права, Роберт Спано , на прес-конференција во Скопје во ноември минатата година, рече дека општото начело е сосема јасно и дека секоја земја-членка на Советот на Европа е обврзана со Конвенцијата да ги спроведува пресудите на Судот.
„Прашањето што го поставувате е прашање што се однесува на спроведувањето и извршувањето на судските одлуки и важно е да се потсетиме дека постои јасна разлика меѓу улогата на Судот да изрекува одлуки и посебниот оддел на Советот на Европа кој го наѕира спроведувањето. Претседателот на Судот не е тој што треба јавно да дава коментари. Меѓутоа, општото начело е сосема јасно, тоа е дека секоја земја-членка на Советот на Европа е обврзана со Конвенцијата да ги спроведува пресудите на Судот. Во голем број пресуди Судот потсетува на ова начело и државата мора да ги спроведе одлуките на Судот во духот на Конвенцијата“,
подвлече Спано.
Таа обврска, додаде тој, е недвојбена и јасна.
„Тоа е општата изјава што би сакал да ја дадам по тоа прашање, меѓутоа не е моја улога јас да дадам коментар за конкретни поединечни чувствителни прашања меѓу две земји во однос на спроведувањето и одредени видови пресуди“,
оцени Спано на заедничката прес-конференција во ноември во Скопје со министерот за правда Бојан Маричиќ.
Комитетот на министрите на Советот на Европа, во јуни минатата година изрази загриженост и побара од бугарските власти да обезбедат информации за овие случаи до 1 декември 2021 година, како и да се продолжи со разгледување на спроведувањето на пресудите од ова група на предмети за време на состанокот во март 2022 година.
