Заклучоците на Советот на Европската Унија, вели шефот на државата, се кристално јасни – уставните измени мора да се направат до завршувањето на скрининг-процесот за да може да се одржи втората конференција за отворање на кластерите со преговарачките поглавја
Барањето, односно предлогот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од лидерската средба за одложено дејство на уставните промени до приемот на Северна Македонија во Европската Унија, според шефот на државата Стево Пендаровски е надвор од реалноста, иако и тој би сакал такво нешто.

Одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција со словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар, шефот на државата рече дека според изјавите по лидерската средба меѓу премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и една и другата страна се во право.
„Ако внимателно ги следевте, а немам сомнеж во тоа, изјавите на двете политички страни, и едната и другата страна се во право. Премиерот е во право и кога тврди дека има драстична промена во ставот на главната опозициска партија, која претходно воопшто не прифаќаше да гласа за Бугарите во Устав, тврдејќи дека ние не можеме да прифатиме уставни измени под бугарски диктат и второ тврдеше за сето време, месеци наназад дека овој парламентарен состав нема добиено мандат од граѓаните во 2020 година за воопшто да велзе во процесот на уставни промени, што е неспорно. Од друга страна опозицијата е во право кога вели дека нејзините предуслови кои дополнително ги има испоставено на таа лидерска средба, особено за одложено дејство на уставните промени или да важат откако би влегле во Европската Унија или кога ќе заврши процесот на ратификација на тие пристапни протоколи, според мене тоа е апсолутно надвор од реалноста. Јас би сакал такво нешто“,
рече Пендаровски.
Сепак, како што посочи тој, заклучоците на Советот на Европската Унија се кристално јасни. Уставните измени мора да се направат до завршувањето на скрининг процесот за да може да се одржи втората конференција за отворање на кластерите со преговарачките поглавја, рече Пендаровски.
„Во тие заклучоци на Советот на Европа е вграден и ставот на Бугарија. Значи сите 27 (земји членки) вклучително и Бугарија. Треба да имаме нови заклучоци, а вие знаете колку тешко дојдовме, односно тие дојдоа во тоа време до целосен консензус, за да можеме да разговараме воопшто дека е можно да ги усвои уставните измени денес, а да имаат одложено дејство за не знам две, три, пет колку веќе години ќе бидат неопходни не знам за преговорите. Тоа е сосема нереално, тоа го знаат сите и се надевам дека не станува збор само за барање изговор само колку да се каже нешто само за да не се влезе во уставните промени“,
изјави шефот на државата.
Пендаровски, во рамки на истото прашање, потенцираше и самиот бил изненаден кога чул дека ВМРО-ДПМНЕ би сакала да биде дури и дел од Владата.
„Морам да ви кажам дека јас бев навистина изненаден кога чув дека главната опозициска партија би сакал да биде дури и дел од Владата со пет ресори во принцип, ако се исполнат и овие нејзини други услови и да гласа од позиција на владејачка партија или една од владејачките партии за уставни промени, затоа што вие може да гласате за уставните промени и од позиција на опозиција“,
рече Пендаровски.
Лидерската средба меѓу премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се одржа на 7 јуни и на не биле разгледувани неколку предлози понудени од двете страни. Едниот предлог на Ковачевски бил да се изгласаат уставните измени и да се оди на избори, а другиот ВМРО-ДПМНЕ да влезе во Владата и да добие половина од министерските места на СДСМ.
Лидерот на опозициската партија, пак, настапил со свои предлози – ДУИ да не биде во таа влада, а уставните измени да бидат со одложено дејство, односно, да важат откако ќе почне ратификацијата на пристапниот договор за членство на земјава во Европската Унија.
ДУИ уште истиот ден се согласи да не биде во владата, но откако уставните измени ќе се изгласаат и ќе стапат во сила.
Изминативе денови, по лидерската, двете партии влегоа во докажување на своите позиции, обвинувајќи се меѓусебно за кочење на процесот. Од ВМРО-ДПМНЕ ја повикуваат СДСМ да се изјасни кој од нивните предлози е прифатлив за владејачката партија. Од другата страна, пак, инсистираат на тоа дека опозициската партија го сменила ставот во врска со уставните измени и ја повикуваат да формира работна група, како што тоа со одлука на Централниот одбор го направи СДСМ, во насока на продолжување на дијалогот.
