„Само во диктатури еден човек решава за сè. Затоа Мицкоски решил да биде и кандидат за претседател и за премиер. Затоа Сиљановска ја гледате во позадина, а на некои митинзи кои се за нејзина промоција таа воопшто не е присутна. Желбата на Мицкоски да биде и претседател, премиер, а според последните најави спрема мене и мојата фамилија, мислам дека сака да биде и државен јавен обвинител“, рече Пендаровски

Актуелниот претседател и кандидат за втор мандат за шеф на државата, Стево Пендаровски предлага да има вистински, реален дуел со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Пендаровски предлогот го даде вечерва на неговиот предизборен митинг во Делчево, одговарајќи на прашање од граѓанин дали ќе има предизборен дуел. Рече дека го предлага тоа бидејќи „Христијан Мицкоски, очигледно, тој е кандидат за претседател, Силјановска не ја гледаме каде е“.
Тој потсети и дека бил првиот од седумте кандидати кој уште пред 20 дена предложил т.н. мастер дебата.
„Сите седуммина, пред сите телевизии да имаме најмалку две соочувања пред првиот круг и тие што ќе поминат во вториот круг, уште една потоа. Меѓутоа од страна на најголемата опозициона партија прво бевме одбиени бидејќи побараа двајца од кандидатите да не учествуваат. После се пишманија, меѓутоа потоа три од најголемите телевизии, најгледани телевизии во Македонија се откажаа, не знам од кои причини“,
рече тој.
На дополнително прашање кој е кандидат за претседател од најголемата опозициска партија, Пендаровски рече дека нивната кандидатката треба да му објасни на Мицкоски дека имаме поделба на власта, како во секоја демократија, на законодавна и извршна.
„Само во диктатури еден човек решава за сè. Затоа Мицкоски решил да биде и кандидат за претседател и за премиер. Затоа Сиљановска ја гледате во позадина, а на некои митинзи кои се за нејзина промоција таа воопшто не е присутна. Желбата на Мицкоски да биде и претседател, премиер, а според последните најави спрема мене и мојата фамилија, мислам дека сака да биде и државен јавен обвинител“,
рече Пендаровски.
Пендаровски во обраќањето пред делчевци, изборите ги оцени како многу важни затоа што, како што рече, од тоа зависи дали Македонија ќе продолжи по истата патека, по истата магистрала кон Европа и кон развиениот свет или ќе се враќа назад во времето на режимот во кој бевме цели 11 години.
Потсетувајќи на сето она што е завршено во изминатите години, откако е тој претседател, рече дека постигнатиот договор со Грција е „најважната работа што сме ја направиле по 8 септември 1991 година“.
„Друга важна работа што ја направивме, а за што ни беше потребна вашата поддршка, памет, знаење, искуства е што после 17 години чекање ги почнавме преговорите со ЕУ. Ниту една политичка гарнитура претходно, а не, пак, претходната влада, немаа храброст да ги почнат преговорите затоа што си ги чуваа фотелјите, парите, моќта и власта“,
додаде тој.
Според него, уставните измени не се ништо страшно и тоа значи дека покрај сегашните седум народи, во Уставот треба да се додадат уште шест други.
„За опозицијата тоа беше смртен грев и рече дека со тоа не се согласува. Кога ги прашуваме што нудите, велат сите договори, Преспански, Договорот со Бугарија, европската Преговарачка рамка, па дури и Охридскиот рамковен договор повторно ќе ги преговараме затоа што не ги признаваме. Во ред, како ќе го направите тоа? Остануваат неми. Или велат изберете нè на власт, па ќе ви кажеме во понеделник, ден после изборите. Тоа е продавање политичка магла. Сериозен човек кој се кандидира за сериозна функција не смее да си игра играчки и да го потценува умот на неговиот народ“,
рече Пендаровски.
Спомнувајќи ги прислушувањата, затворањето новинари, телевизиски станици и поврзувајќи го тоа со настанот од неделата кога беше приведен новинарот Фуркан Салиу, Пендаровски рече дека политичарите што се сега во ВМРО-ДПМНЕ се истите луѓе од времето на, како што рече, нивниот ментор Никола Груевски.
„Имаат само еден план. Да дојдат на власт и по можност да останат вечито на власт како што тоа го правеше нивниот ментор Никола Груевски. Таму се истите луѓе со истите политики, тоа се деца на Никола Груевски. Од нив не може да очекуваме поинаква политика“,
рече тој.
Според Пендаровски, првиот круг од изборите е многу важен, иако нема да се избере претседател. Меѓутоа, како што рече, ако направиме масовна мобилизација за бројот еден, тогаш од резултатите во првиот круг многу лесно ќе може да процениме и да видиме кој ќе ги добие и двата избора.