Претседателот Стево Пендаровски доцна вечерва на Фејсбук објави дека имал телефонски разговор со бугарскиот претседател, Румен Радев. Било договорено Бугарија во најкус можен рок да испрати противпожарни единици во земјава.
„Доцна вечерва имав телефонски разговор со претседателот на Бугарија, Румен Радев. Договорено е во најкус можен рок Бугарија да испрати противпожарни единици кои ќе им помогнат на нашите екипи во гасење на пожарите“,
напиша Пендаровски на Фејсбук.
Иако доцна попладнево Пендаровски најави дека хеликоптери на македонската армија ќе бидат активирани во гаснењето на пожарите, тие сепак вечерва нема да полетаат зашто немале техничка можност за ноќно летање, па ќе мора да го почекаат утрото за да се активираат во гаснењето.
„Сакам да ја информирам јавноста дека хеликоптерите на армијата немаат техничка можност да летаат во ноќни услови. Ова е единствената причина заради која во гаснењето на пожарите ќе се вклучат во раните утрински часови“,
објави попладнево Пендаровски на Фејсбук.
Претходно претседателот одобри вклучување на Армијата со целосен капацитет во гасење на пожарите кои беснеат на неколку локации низ државата.