На прашањето дали е логично Армијата да одржува ред пред банките и продавниците каде што се создава метеж поради забраните за движење, претседателот на државата Стево Пендаровски вели дека војниците биле испратени како поддршка на полицијата, но најави дека наскоро ќе биде донесена одлука со која на сите банки и приватни стопански субјекти ќе им се наложи оваа обврска да ја преземат нивните вработени.
„Постои размислување, во рамки на Централниот кризен штаб, и мислам дека или денес или утре ќе има одлука сите банки и приватни стопански субјекти да бидат задолжени од своите вработени да ја организираат редарската служба. Дури потоа припадниците на МВР да бидат ангажирани во евентуално одржување ред на пошироки простори околу тие институции, а зад нив да се припадниците на Армијата. Значи, недозволено е да се држи редарска служба пред банки од припадници на Армијата и на МВР, затоа што банките треба да имаат своја редарска служба на која можат да ѝ помогнат полицајци или војници, а не обратно“, изјави Пендаровски.
Припадниците на Армијата беа ангажирани најпрво во Прилеп, откако локалната власт побара поддршка при контролата на имплементацијата на мерките за заштита од ковид-19.
Вицепремиерот и шеф на Централниот кризен штаб, Бујар Османи, ги информираше градоначалниците дека Армијата ќе им биде на располагање за помош на општинските кризни штабови, во одржување ред и мир, дезинфекција или транспорт на храна и лекови.