Дојдено е време за промена на парадигмите во однос на принципот на инклузивност, и тоа по две линии: етничката припадност да не биде единствениот услов за вработување и помалите немнозински заедници да добијат далеку подобар третман од досегашниот, ако сакаме да градиме мултинационална, а не бинационална демократија, рече шефот на државата во обраќањето во МАНУ
Големите прашања и дилеми од раните 1990-ти години, кога ја стекнуваме независноста, денес не се повеќе на дневен ред. Најголемиот наш национален проект, создавањето сопствена, независна држава, е завршен. Членството во речиси сите за нас битни меѓународни организации, исто така, со влезот во Северно-атлантската алијанса, како круна на децениските напори да обезбедиме гаранција за територијалниот интегритет, порача претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање на свечениот научен собир во МАНУ на тема „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој 1941-1991/1991-2021“.
Ако сакаме за 30 или 50 години да кажеме дека имаме држава со сите нишани, рече претседателот, тогаш мора да наоѓаме решение за актуелните проблеми, а не за историските.

„Направивме држава и неа нема да ја изгубиме, но воопшто не е неважно во каква држава живееме, односно дали во таква држава ќе сакаат да живеат нашите деца и внуци. Да илустрирам – во светот постојат територии што ги нарекуваат држави, каде што власта само со употреба на сила го држи населението да не ја напушти сопствената татковина и десетици други каде што владее таква бесперспективност што ги тера младите генерации да ја планираат својата иднина каде било во светот само не дома. Значи, ако сакаме и по 30 или 50 години да кажеме дека имаме држава со сите нишани, треба да најдеме решение за актуелните проблеми, а не за проблеми од 1903, 1941 или 1991 година. Само на таков начин ќе опстанеме во новиот свет што се раѓа пред нашите очи“,
рече Пендаровски.
Тој зборуваше дека денешните главни предизвици структурно се поинакви, но не се помалку по тежина и по значење од оние во 1990-тите. Тие, според него, спаѓаат во три групи:
„Во првата се старите предизвици, кои за нас ќе бидат актуелни и по 50 години, имајќи ја предвид внатрешната структура на нашето општество. Во втората се за нас сè уште нови, а за светот стари проблеми со кои се занимава со децении. И во последната група ги поставив новите појави и закани и за нас и за светот, иако и тука, за жал, светот оди понапред и многу побрзо од нас“,
рече Пендаровски.
За разлика од неговиот претходник Иванов, кој смета дека Охридскиот рамковен договор е штетен и е за разнебитување на татковината, Пендаровски посочи дека за внатрешната инклузивност на сите етнички заедници е направен огромен исчекор токму со тој договор. Зборувајќи за овој договор, шефот на државата рече дека време е за промена на парадигмите – една во насока на тоа е дека етничката припадност не треба да биде единствен услов за вработување.
„Наспроти предвидувањата, Рамковниот договор не ја растури државата, напротив, драстично го намали потенцијалот на екстремните структури кои сакаат нови граници на Балканот. 20 години подоцна, според мене, дојдено е време за промена на парадигмите во однос на принципот на инклузивност и тоа по две линии кои не се запишани во договорот од Охрид – првата, етничката припадност да не биде единствениот услов за вработување, втората, помалите немнозински заедници да добијат далеку подобар третман од досегашниот, под услов да сакаме да градиме мултинационална, а не бинационална демократија“,
рече Пендаровски.
За надворешната интегрираност, пак, тој смета дека е направен видлив напредок со Договорот од Преспа, без да се загрозат виталните идентитетски маркери на македонската нација. Пендаровски се осврна и на Договорот за добрососедство со Бугарија нагласувајќи дека не очекува негативни ефекти од него.
„Еден од солидните темели на Преспанскиот договор е, всушност, единствениот елемент кој беше прифатлив за двете страни, во континуитет, од 1993 година до денес, независно кој беше на власт во Скопје и во Атина, а тој е дека терминот ‘Македонија’ ќе се употребува на неексклузивна основа. Договорот со Бугарија од 2017 година е пример за приближување и постигнат акт, без странска асистенција, кој не дискриминира ниту една од страните кои и во посткомунизмот, за жал, не ги надминаа заемните стереотипи една за друга. Не очекувам негативни ефекти ниту во фазата на негова целосна имплементација, затоа што е познато дека во таа смисла за нас воопшто не постои маневарски простор: имено, ако ја изгубиме нацијата, не ни треба европската интеграција. Неодамна усвоената собраниска декларација го потврдува широкиот политички консензус по тоа прашање“,
рече шефот на државата.
Кога е во прашање економскиот развој и правната држава, кои тој ги смести во втората група, како што рече, многу важно е да се намали нивото на корупцијата затоа што ги става во подредена ситуација граѓаните што плаќаат даноци и ги демотивира да ги почитуваат законите.
„Предизвиците во третата група се релативно нови и за светот и затоа тука имаме шанса со паметни политики да фатиме чекор побрзо отколку кај традиционалните предизвици во развојот на демократска политичка култура и систем, каде што назадување бележат дури и некои стари демократии. Тука сакам да ги издвојам инклузијата на жените во општеството, заштитата на животната средина и дигитализацијата. Во овој контекст постои очигледна закономерност, имено, државите со повисока вклученост на жените во политичките процеси на одлучување и во високите менаџерски ешалони на приватниот бизнис се неспоредливо поуспешни од оние што ја преферираат или толерираат машката доминација во сите сфери. Заштитата на животната средина веќе стана најважното политичко и изборно прашање во најмалку половина од земјите членки на Европската Унија, но политики и ресурси за имплементација на зелените политики кај нас се нужни час поскоро, не затоа што се тие популарни кај богатите туку затоа што според некои процени ни умираат по 3 000 луѓе годишно само од аерозагаденост, колку што приближно изнесува едногодишниот данок во смрт од ковид-19“,
рече Пендаровски.
Тој тука ја нагласи и дигитализацијата како клучна за развој на светот и порача дека државите што ќе заостанат ќе бидат на нивото на некои африкански региони денес.

На собирот со свои обраќања настапија и Живко Кондев – шефот на кабинет на првиот претседател Киро Глигоров, Владо Поповски – советник во кабинет на експретседателот Борис Трајковски, како поранешните претседатели Ѓорге Иванов и Бранко Црвенковски.