Според шефот на државата, поразот во Скопје на локалните избори не смеел да биде повод за Заев да се повлече од функцијата. Тој смета дека оваа политичка криза е предизвикана од потегот на премиерот, оценувајќи дека причините за неговата оставка не се само политички, туку се и длабоко лични
Државата е во политичка криза и може да биде уште полошо ако во наредните денови нема јасно мнозинство, од најмалку 61 пратеник, смета претседателот Стево Пендаровски.
„Она што мене ми се чини дека ќе биде уште полошо од оваа тековна политичка криза е ако во наредниве денови не добиеме јасно мнозинство на некои од овие две страни кои се обидуваат да дојдат до 61 пратеник,“
истакна Пендаровски во интервју на ТВ 21.
Според него, во тој случај можеме да влеземе во т.н. бугарско сценарио, алудирајќи на трите последувателни циклуси парламентарни избори во Бугарија, поради тоа што ниту една партија не успева да состави влада.
Пендаровски рече дека поразот во Скопје на локалните избори не смеел да биде повод за премиерот Зоран Заев да се повлече од функцијата. Тој смета дека оваа политичка криза е предизвикана од потегот на премиерот.
Пендаровски рече дека неколку пати разговарал со Заев околу причините за оставката. Според него, мотивите и причините за неговата оставка не се само политички, туку се и длабоко лични.
„Независно од последните најави од вчера дека ќе остане уште извесен период, јас мислам дека неговото повлекување од политиката е прашање на месеци,
додаде Пендаровски.
Во однос на тоа, кој би можел да го замени Заев, Пендаровски рече дека се знае дека политичкиот капацитет и за коалицирање, и за менаџирање на процесите, во рамки на СДСМ, години наназад е најголем кај Зоран Заев.
Пендаровски рече дека ќе организира лидерска средба само доколку двете страни имаат по 60 пратеници во парламентот и не можат да формираат мнозинство ниту едните, ниту другите.
„И да ги повикам, што ќе им кажам? Според Уставот јас не можам да им држам предавање. Кај нас е парламентарен систем, не е претседателски. Можам, ако не дај Боже влеземе во пролонгирана криза, под претпоставка двете страни да имаат по 60 пратеници, да ги викнам да им кажам дека мора да се најде решение. Ако се изгласа мнозинство, моите рокови се јасни, 10 дена имам за давање на мандатот. И да нема енергетска криза, премногу време губиме за било која реформа, и уште тоа недостасува да се направи да имаат сите по 60 пратеници. Но тоа би било во подоцнежна фаза, не сега“,
изјави Пендаровски.
Во врска со утрешната собраниска седница и за тоа кој ќе го добие мандатот, претседателот кажа дека нему му е важно мнозинство да се добие по демократски пат, и дека само така ќе се има легитимитет и внатре и надвор.
На прашањето кој има мнозинство, според неговите информации, тој рече дека се шегувал оти сега и најдобрите разузнавачи не знаат кој има мнозинство.
Шефот на државата вели дека поголемиот дел од политичарите не би сакале брзи избори. Една од причините, како што рече, е намалувањето на одѕивот на изборите, односно на бројката на избирачи кои излегуваат на гласање.